Ангел Господов: Среде неволјата на војната Христос е надеж

Ангел Господов: Среде неволјата на војната Христос е надеж

За време на молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV размислуваше за тоа како Христос ги зема врз Себе нашите борби и е одговор на злото присутно во светот. Тој нагласи дека Божјата мудрост се открива во понизноста на Воплотувањето.

Христос е единствениот што може да го олесни товарот на нашите тешкотии и страдања, но Неговата љубов може да се открие само преку понизност, рече папата Лав XIV во своето обраќање пред молитвата Ангел Господов, изговорено на плоштадот „Свети Петар“ во недела, 5 јули 2026 година.

„Во ропството, Христос е ослободување. Среде неволјата на војната, Христос е надеж. Во часот на гревот, Христос е прошка“, истакна Папата.

„Ова е вистинската мудрост и патот по кој сакаме да одиме заедно, обединети како ученици во Негово име. Исус нè учи на тоа како Син, станувајќи наш брат. Преку силата на Светиот Дух, Тој ѝ ја открива на Црквата вистината за Бога и за човештвото.“

Исус го зема врз Себе човештвото рането од злото

Папата Лав истакна дека товарот на крстот што го носиме може да биде благ и лесен само затоа што самиот Господ го носи со нас, никогаш не оставајќи нè сами во она што нè притиска.

„Како вистински Учител, Исус го зема врз Себе човештвото рането од злото, за да го излекува и да се погрижи за него“, нагласи Папата.

Тој објасни дека токму преку разбирањето на значењето на крстот можеме да најдеме надеж и утеха.

Мудроста што ја примаме од Христос е навестување на спасението, рече Папата, повикувајќи се на Евангелието според Матеј 11,25-30, врз кое се темелеше неговото размислување. Христовиот јарем, додаде тој, нè подига од секој пад.

„Затоа, нашето одење по Христос не е аскетизам што го понижува човекот. Напротив, тоа е училиште на слободата, кое сериозно ја сфаќа драмата на историјата и постојано ја осветлува нејзината смисла, особено во најтемните моменти.“

Само во Исусовиот крст злото е победено, нагласи Папата, и само во Неговото страдање нашата смртна измореност наоѓа утеха и откупување.

Божјата поука е упатена до сите што се борат

Папата истакна дека понизноста е суштинска за да се разбере Христовата љубов.

Во Евангелието, рече тој, Исус нè поканува да Му се придружиме во славењето на Отецот. Едноставноста на тој спонтан и радосен гест покажува дека Бог со радост им се открива на малите, а останува скриен за мудрите и разумните.

„Тие се толку исполнети со сопствените идеи, што не успеваат да го препознаат присуството на Христос, Месијата Кој доаѓа да го посети Својот народ“, рече Папата. „Така човечката мудрост станува надменост, а учењето се изродува во гордост.“

„Спротивно на тоа, вистинската Божја мудрост се открива во понизноста на Воплотувањето, а Неговото учење е упатено пред сè до оние што се борат. Дојдете кај Мене сите што сте изморени и обременети.“

Папата нагласи дека да се оди кај Исус значи да се одговори на Неговата љубов и да се учествува во Неговиот живот, дури и на крстот.

„Токму ова самодарување од љубов го сочинува Исусовиот јарем, кој е суштината на Неговото учење и срцето на Неговата мудрост, разгорено од љубов кон сите“, рече папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот