На крајот од светата Литургија за канонизација на Џовани Батиста Скалабрини и Артемида Зати, во недела 9 октомври 2022 година папата Фрањо со присутните верници молеше Ангел Господов. Пред молитвата се обрати до присутните со следниве зборови:
Драги браќа и сестри!
Пред да го завршам ова евхаристиско славење, ве поздравувам и благодарам на сите вас кои дојдовте да им искажете почит на новите светители. Ги поздравувам кардиналите, епископите, свештениците, посветените лица, посебно мисионерите на Свети Карл Боромео и салезијанските браќа коадјутори. Со благодарност ги поздравувам официјалните претставници.
Денеска во Фабријано ќе биде прогласена за блажена Марија Костанца Панас, капучинска монахиња клариса, која живеела во манастирот во Фабријано од 1917 до 1963 година, кога се пресели во небо. Таа ги примаше оние кои тропаа на вратата од манастирот, влевајќи мир и доверба кај сите. Во последните години од животот, тешко болна, ги прикажуваше своите маки за Вториот ватикански собор, чиј 60-годишен јубилеј се слави задутре. Нека блажената Марија Костанца ни помогне секогаш да веруваме во Бога и да бидеме љубезни кон нашите ближни. Аплауз за новите блажени!
Во однос на почетокот на Соборот, пред 60 години, не можеме да ја заборавиме опасноста од нуклеарна војна, која му се закануваше на светот токму во тоа време. Зошто да не научиме од историјата? И во тој момент имаше конфликти и големи тензии, но беше избран патот на мирот. Во Библијата е напишано: „Вака вели Господ: – застанете на вашите патишта, разгледајте и распитајте за дамнешните патишта, каде е добриот пат, врвете по него, и ќе најдете спокојство на душите свои“ (Јеремија 6, 16).
Ги ветувам моите молитви за жртвите на безумниот чин на насилство што се случи пред три дена во Тајланд. Трогнат ги доверувам на посебен начин децата и нивните семејства на Отецот на животот.
А сега да се обратиме кон Дева Марија, да ни помогне да бидеме сведоци на Евангелието, вдахновени од примерот на светителите.
Ватикан њуз/к.мк