Не мерете ја љубовта со калкулации и придобивки, туку следете ја логиката на бесплатност. Во своето обраќање пред молитвата Ангел Господов папата Фрањо зборуваше за Божјата љубов: таа е извонредна, ги надминува критериумите според кои човекот ги живее своите односи. Исус не е добар сметководител, рече Папата и побара од сите да ја живеат таа „нерамнотежа на љубовта“, на злото да се одговора со добро; љубовта е таа што полека ги менува конфликтите
Треба да љубиме како Бог, надвор од логиката на претпазливост, возвраќање, без страв од разочарување – повика папата Фрањо во своето неделно попладневно обраќање на 19 февруари 2023 година, коментирајќи го Евангелието од неделната Литургија, во која зборовите на Исус звучат посебно тешки, речиси „парадоксално“. Имено, тој бара од нас да го свртиме другиот образ, да ги љубиме нашите непријатели и предупредува дека љубејќи ги само оние што ни се пријатели, не правиме ништо посебно.
Извонредна љубов
Извонредно е сè што го надминува вообичаеното, што го надминува користољубивото размислување, калкулациите кои ги наметнува разумноста, која нè упатува да правиме добро само на оние што се добри со нас, а со иста мера да одговориме на оние што постапуваат со нас лошо. Тоа не е доволно, предупредува Господ.
Ако Господ би ја следел таа логика, не би имале надеж за спасение! Но, за наша среќа, Божјата љубов е секогаш „необична“, односно ги надминува вообичаените критериуми со кои ние луѓето ги живееме нашите односи.
Исус не е сметководител, ја губи рамнотежата во љубовта
Додека секогаш се трудиме да ги израмниме сметките, Христос нè поттикнува да живееме во нерамнотежа на љубовта. Исус не е добар сметководител – истакна Папата. Да не се одлучеше Бог на таа нерамнотежа, никогаш немаше да се спасиме: Исус немаше да дојде да нѐ бара додека бевме изгубени и далеку од него, немаше да го прегрне крстот за нас, не го заслуживме сето тоа и ништо не можеме да му дадеме за возврат.
Ете Бог нè љуби додека сме грешници; не затоа што сме добри или способни да возвратиме. Божјата љубов е секогаш прекумерна љубов, секогаш над калкулацијата и секогаш несразмерна. Денес од нас бара да живееме на тој начин, бидејќи само така вистински ќе сведочиме за него.
„Не“ на логиката за корист
Наспроти нашата склоност да имаме сè под контрола и уредно, Господ предлага да ја напуштиме логиката на корист и љубовта да не ја мериме на вагата за пресметки и профитабилност.
Нѐ повикува да не возвраќаме на злото со зло, да се осмелиме да правиме добро, да ризикуваме да даваме, дури и ако за возврат ќе добиеме малку или ништо, бидејќи љубовта е таа што полека ги менува конфликтите, ги скратува далечините, го победува непријателството и ги лекува раните на омразата.
Христовата извонредна љубов не е лесна, но е можна, бидејќи Самиот ни помага давајќи ни го Својот Дух, Неговата неизмерна љубов – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк