Ангел Господов: Времето посветено на Бога нè растеретува, го лекува срцето и го зголемува мирот во нас
Папата во своето пладневно обраќање во недела на 15 октомври 2023 година укажа дека Господ не повикува да бидеме во заедништво со него и едни со други, но ни остава слобода да го прифатиме или да не го прифатиме неговиот повик. „Бог се нуди, никогаш не се наметнува. Времето посветено на Бога, на света Литургија, слушање на Словото, помагање на слабите и сиромашните, утешување на оние кои страдаат, нè спасува од злото, осаменоста и губењето на смислата, објасни Папата.
Бог е како царот за кој читаме во Евангелието, кој приредил свадбена гозба за својот син и ги поканил сите да учествуваат во неговата радост, бесплатно давајќи можност за средба и славење, никого не прислувајќи, давајќи ја и можноста да се одбие. Во своето пладневно обраќање, пред молитвата Ангел Господов, папата Фрањо ја искористи оваа споредба за да објасни дека тоа го прави Создателот со нас: подготвува гозба за да можеме да бидеме во заедништво со него и едни со други. Затоа, што сите сме Божји гости, Господ нѐ кани, но нè остава слободни.
Таков однос ни нуди Отецот: нѐ повикува да бидеме со него, оставајќи ни можност да ја прифатиме или отфрлиме поканата. Не ни нуди однос на потчинување, туку однос на татко и син, кој е нужно условен од нашата слободна согласност. Бог многу ја почитува слободата.
Бог ја почитува слободата на човекот
Свети Августин тоа го појаснува – потсети Папата – кога вели „Бог, кој те создаде без тебе, не може да те спаси без тебе“. Тоа е затоа што Севишниот, бидејќи е љубов, целосно ја почитува нашата слобода. Бог се нуди, никогаш не се наметнува.
Наоѓање време кое ослободува: време што треба да му се посвети на Бога
Меѓутоа, драмата на историјата е човечкото „не“ на Бога, отфрлање на неговиот повик, бидејќи секој е преокупиран со своите работи – истакна папата Фрањо. Сепак, Бог не се откажува и, како царот опишан од евангелистот Матеј, тој продолжува да повикува, уште пошироко, додека не ги најде оние што го прифаќаат, меѓу сиромашните, меѓу оние кои знаат дека немаат многу.
Браќа и сестри, колку често не обрнуваме внимание на Божјиот повик затоа што сме зафатени со размислувања за сопствените работи! Честопати се бориме за слободното време, но денес Исус нè повикува да го најдеме времето што ќе нè ослободи: времето што ќе му го посветиме на Бога, кое нè растеретува и ни ги лекува срцата, што го зголемува нашиот мир, доверба и радост, што нè спасува од злото, осаменоста и губењето на смислата. Бог тоа го заслужува, затоа што е убаво да се биде со Господ, да му се даде простор во нашиот живот.
Каде да се направи простор за Бога
Можеме да направиме место за Бога на светата Литургија, слушајќи го Словото – рече Папата – во молитва и во милосрдието, бидејќи помагајќи им на оние кои се слаби или сиромашни, правејќи друштво на оние што се сами, слушајќи ги оние што бараат внимание, утешувајќи ги оние што страдаат, со Господ сме. Затоа што Бог е присутен во оние кои имаат потреба. Сепак, многумина сметаат дека тоа е губење време, па се затвораат во својот приватен свет, а тоа е тажно – истакна Папата, охрабрувајќи ги сите да се запрашаат колку простор му даваме на Бога во секојдневниот живот и дали квалитетот на нашиот живот зависи од работата и слободното време или од љубовта кон Господа и нашите браќа, особено кон оние во најголема потреба.
Марија со своето „да“направи простор за Бога – потсети на крајот папата Фрањо и ја повика Богородица да ни помогне да не се оглушиме на неговите повици.
Ватикан њуз/к.мк