Ангел Господов: Исусовото присуство и неговите зборови се предизвик на кој мора да одговориме

Ангел Господов: Исусовото присуство и неговите зборови се предизвик на кој мора да одговориме

На 26 јануари 2025 година, во Неделата на Словото Божјо, ссврнувајќи се на Евангелието за неделната Литургија, папата Фрањо ги поттикна верниците собрани на плоштадот Свети Петар да го препознаат во Исус Синот Божји, нашиот Спасител

Моментот кога Исус го прочита пасус од Исаија во синагогата во Назарет, градот каде што пораснал, во кој се зборува за Месијата, порачувајќи: „Денес се исполни ова Писмо“, беше поттикот на Папата на неговото пладневно обраќање, пред молитвата Ангел Господов, при што, на верниците собрани на плоштадот Свети Петар, им објасни за моментот на изненаденост и зачуденоста на Исусовите сограѓани, бидејќи тие го познавале Исус како син на дрводелецот Јосиф, а во никој случај не како некој што може да се претстави како Месија.

Но, токму тоа се случи, рече Светиот Отец. Исус им кажува дека „благодатната година Господова“ дојде со него, и во продолжение рече дека ова е радосна вест за сите, особено за сиромашните, затворениците, слепите и угнетените.

Папата рече дека тој ден Исус ги ставил луѓето пред избор, бидејќи никој во синагогата не можел а да не се запраша: Дали е само син на дрводелец кој игра улога што не му припаѓа или навистина е Месијата, испратен од Бог да ги спаси луѓето од грев и секое зло?

Назарејците не го препознаа Исуса како таков, ги прераскажа Папата зборовите на евангелистот, бидејќи сметаа дека го познаваат премногу добро и тоа – наместо да им олесни да ги отворат своите срца и умови – ги спречи, како да имаа превез, кој им ја прекри светлината. Светиот Отец рече дека овој настан , со соодветни аналогии, ни се случува и денес.

И за нас, Исусовото присуство и неговите зборови се предизвик на кој мораме да одговориме; повикани сме да го препознаеме Синот Божји, нашиот Спасител. Но, може да ни се случи, како што им се случи на неговите сограѓани, да мислиме дека веќе го знаеме, дека веќе знаеме сè за него, дека сме растеле со него, во училиште, во парохија, на веронаука, во земја на католичка култура… И така за нас Тој е блиска личност, дури и „премногу“ блиска.

Папата Фрањо постави неколку прашања, како на пример „дали го забележуваме единствениот авторитет со кој зборува Исус во Назарет“ и дека „Тој е носител на пораката за спасение што никој друг не може да ни ја даде“. А јас –се запраша Светиот Отец – чувствувам ли потреба од ова спасение, јас кој сум на некој начин сиромашен, поробен, слеп, угнетен. Тогаш, и само тогаш, и за мене ќе биде „благодатна година“, истакна тој и заклучи поттикнувајќи со доверба да се обратиме кон Марија, Богородица и наша Мајка, за да ни помогне да го препознаеме Исус.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот