Во своето пладневно обраќање за време на молитвата Ангел Господов, кога се слави празникот Пресвето Тело и Крв Христови во Италија, Папата истакна дека Христос со своето тело не само што ни дава помош да продолжиме напред, туку станува наш сопатник на патот, влегувајќи во настаните и осаменоста на секој човек.
Никогаш да не ја ограничуваме Евхаристијата на димензија далеку од секојдневието – повика папата Фрањо, обраќајќи им се во недела 19 јуни 2022 година од прозорецот на Апостолската палата на бројните верници собрани на плоштадот Свети Петар, потсетувајќи дека Господ е присутен во Евхаристијата, кој нѐ повикува да бидеме жители на небото, но и да водиме сметка за патот со кој мораме да се соочиме на земјата. Ако имам малку леб во торбата – објасни Папата – Тој тоа го знае и се грижи.
Понекогаш постои опасност, истакна Светиот Отец, Евхаристијата да се ограничи на нејасна, далечна димензија, можеби сјајна и мириса на темјан, но далеку од тешкотиите на секојдневниот живот. Всушност, Господ ги зема при срце сите наши потреби, почнувајќи од најосновните.
Јадете и дајте да јадат
Во Евхаристијата, имено, секој може да го доживее Господовото конкретно внимание на потполна љубов. Умножувањето на лебовите и другите знаци со кои Исус ја најавува Евхаристијата не се случуваат на спектакуларен начин, туку речиси воздржано: лебот се умножува, преминувајќи од рака на рака – рече римскиот бискуп.
Нашето евхаристиско обожавање ја добива својата потврда кога се грижиме за другите, како што тоа го прави Исус; околу нас, имено, има глад за храна, но и дружење, утеха, пријателство, добро расположение, внимание. Тоа го наоѓаме во евхаристискиот леб: Христовото внимание на нашите потреби и повик да го сториме тоа за оние околу нас. Потребно е да јадете и да им дадете на другите да јадат – истакна Папата.
Јадете и наситете се
Оној што ги прима Телото и Крвта Христови не само што јаде, туку и се наситува. Навистина, треба да се храниме, но и да знаеме дека храната ни се дава од љубов. Во Телото и Крвта Христови го наоѓаме неговото присуство, неговиот живот даден на секој од нас. Тој не само што ни помага да одиме напред, туку самиот ни се дава; станува наш придружник на патувањето, влегува во нашите настани, ја посетува нашата осаменост, враќајќи ја смислата и ентузијазмот. Нè прави исполнети, кога Господ им дава смисла на нашите животи, нашата темнина, нашите сомнежи, но Тој ја гледа смислата и тоа нè прави заситени; смислата која ни ја дава Господ, ни дава „повеќе“ од она што сите го бараме, односно Господовата присутност! Зашто, во топлината на неговото присуство, нашите животи се менуваат; без него навистина би биле сиви – истакна Папата.
Ватикан њуз/к.мк