Папата Фрањо во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов, а по светата Литургија во базиликата Свети Петар и пред ручекот со сиромашните во салата Павле VI, се осврна на параболата за талантите и ги поттикна верниците без страв да ризикуваат. „Довербата ослободува, стравот парализира. Бог се радува кога ќе ги види своите деца кои не се плашат од него, туку го сакаат“.
По светата Литургија со сиромашните во базиликата Свети Петар и во мислите со сите во потреба и сиромашни ширум светот, на Светскиот ден посветен на нив, папата Фрањо од прозорецот на работната соба во Апостолската палата зборуваше пред повеќе од 20.000 ходочесници собрани на плоштадот Свети Петар, се осврна на параболата за талантите, од која – како што рече – произлегуваат два начина на приближување кон Бога: едниот е со страв, кој ги парализира нашите постапки и нашето послание и нѐ заробува, а другиот е со самодоверба, што нѐ прави храбри, победници, активни и креативни за доброто.
Искривена слика за Бога
Кој го закопа примениот талант, криејќи ја таа паричка под земја, не му верува ниту на господарот ниту на себе; има далечна и погрешна слика за Бога: Тој не ја гледа почитта и довербата што господарот ја има кон него, туку само ги гледа постапките на господарот кој бара повеќе отколку што дава, како судија. Тоа е неговата слика за Бога: тој не верува во неговата добрина. Затоа се блокира и не учествува во посланието што му е дадено.
Дејствувајте слободно и со доверба
Напротив, другите слуги на кои господарот им ги доверува своите добра, веруваат, успеваат да вложуваат, па дури и да ги удвојат добиените таланти, прифаќајќи го ризикот.
Отпрвин не знаат дали сè ќе оди добро: учат, гледаат какви можности им се нудат и претпазливо го бараат најдоброто; прифаќаат инвестициски ризик. Па така, имаат храброст да дејствуваат слободно, креативно, стекнувајќи ново богатство.
Стравот и довербата се крстопат кој – како што рече папата Фрањо – се отвора пред нас секој пат; но изборот на христијанинот е едноставен: да се надева на Отецот кој секогаш ги сака своите деца.
Да запаметиме: стравот кочи, довербата ослободува. Ова важи и за воспитувањето на децата. Да се запрашаме: дали верувам дека Бог е Отец и дека ми доверува дарови затоа што има доверба во мене? И дали верувам во него до тој степен што сум подготвен да ставам се на коцка, без да се обесхрабрам, дури и кога резултатите не се ниту сигурни, ниту очигледни? Дали знам секој ден во молитва да кажам: „Господи, се надевам во Тебе, дај ми сила да одам напред; Верувам во тебе, во сѐ што ми даде; кажи ми како да ги унапредам“.
Црквата нека ни помогне да негуваме меѓусебна доверба и почит
Затоа, охрабрувањето на Папата е дека дури и кога сме соочени со неизвесни и непредвидливи резултати, со тешки ситуации во животот, да не дозволиме неизвесноста да не парализира. На крајот од проповедта Светиот Отец ги поттикна верниците да се запрашаат:
Како Црква, дали во нашите средини негуваме атмосфера на доверба и меѓусебно почитување, која ни помага да одиме напред заедно, што ги ослободува луѓето од закоченост и ја поттикнува креативноста на љубовта кај сите? Да размислиме…
Дева Марија нека ни помогне да го надминеме стравот; никогаш не треба да се плашиме од Бога! Стравопочит да, но не и страв.
Апел за Блискиот Исток, Украина и Мјанмар
По богородичната молитва, Папата повторно го крена гласот поради бројните конфликти кои се актуелни во светот. Посебно се молеше и упати апели за Блискиот Исток, Украина и Мјанмар, нагласувајќи дека мирот е можен. Се спомна и на жртвите во сообраќајот, а покрај 7. Светски ден на сиромашните го спомена и Светскиот ден на рибарството кој се одбележува на 21 ноември. Светиот Отец потсети и на беатификацијата, одржана вчера во катедралата во Севиља, на бискупскиот свештеник Мануел Гонзалес-Серно Родригез и група свештеници и верници кои се убиени од омраза кон верата во 1936 година, за време на Шпанската граѓанска војна.
Ватикан њуз/к.мк