Ангел Господов: Да ги довериме нашите грешки понизно и храбро на Божјата милост

Ангел Господов: Да ги довериме нашите грешки понизно и храбро на Божјата милост

Во своето пладневно обраќање во недела 26 октомври 2025 година, за време на молитвата Ангел Господов, на која на плоштадот Свети Петар присуствуваа и ходочесници од Македонија, Папата се осврна на Евангелието од неделната Литургија, која зборува за параболата за фарисејот и цариникот што се молат во храмот. Првиот ги возвишува своите заслуги, но ги прикрива вистинските гревови; вториот, пак, храбро застанува пред Господа таков каков што е. „Ако и ние постапуваме како цариникот,“ рече Папата, „Царството Божјо ќе расте, и во нас, и околу нас.“

Ние не се спасуваме самите себеси, ниту со гордо истакнување на нашите добри дела, ниту со прикривање на нашите падови. Спасението доаѓа кога искрено ќе се соочиме со вистината за нас самите – пред Бога, пред себеси и пред другите – барајќи прошка и доверувајќи се на милоста Господова.

Понизноста која го отвора срцето

Пред молитвата Ангел Господов, што ја упати од прозорецот на својата катехеза во Апостолската палата во Ватикан, папата Лав XIV ја сумираше пораката на ова евангелско четиво. Исусовата парабола за фарисејот и цариникот, прочитана во неделата на 26 октомври, преку Евангелието по Лука, открива длабока вистина: Бог не ја гледа надворешната исправност, туку чистотата на срцето.

Ароганцијата на фарисејот

„Фарисејот,“ објасни Папата, „прави долга листа на свои заслуги и ги набројува сите добри дела што ги извршил. Тој се чувствува повозвишен од другите, кои ги осудува со презир.“ Неговото однесување, рече понатаму Папата, е очигледно обележано со ароганција. „Иако ја исполнува буквата на Законот, неговото срце е сиромашно во љубов, лишено од милост.“

„Оправданиот“ цариник

Цариникот – собирач на данок во служба на Римското Царство – исто така се моли, но на сосема поинаков начин. „Тој има многу што да му биде простено,“ рече Светиот Отец. Неговата работа му овозможувала да се збогатува на сметка на сопствениот народ, но, и покрај тоа, тој не ја затвора вратата кон Бога. „Исус вели дека тој се враќа дома оправдан,“ потсети Папата, „зашто имал храброст и понизност да се покаже пред Бога онаков каков што е.“ Во таа искреност се случува чудото на простувањето – обновата преку средбата со Божјата милост.

Да ги покажеме раните на „лекарот“

Потоа Светиот Отец се повика на Свети Августин, кој во својата Проповед 351 ја толкува параболата споредувајќи го фарисејот со болен човек кој, од гордост и срам, ги крие своите рани од лекарот. Даночникот, напротив, ги покажува своите рани понизно и мудро, без страв и без гнев, бара исцеление.

„Да го сториме истото и ние,“ повика Папата, „да не се плашиме да ги признаеме нашите грешки, да ги откриеме, да ја преземеме одговорноста за нив и да ги довериме на Божјата милост.“

Царството Божјо расте во срцето на понизните

„Божјото Царство,“ продолжи Папата, „не им припаѓа на гордите, туку на оние што имаат понизно срце.“ Затоа, повика верниците секојдневно да ја живеат понизноста и искреноста во односот со Бог и со луѓето.

На крајот од обраќањето, папата Лав XIV ги поттикна присутните да ѝ се обратат на Пресвета Богородица – пример за светоста и понизноста – „која може да нè научи да растеме во вера, надеж и љубов, доверувајќи му се целосно на Бога и на Неговата милост.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот