Ангел Господов: Верата ни ги отвора очите за страдалното човештво

Ангел Господов: Верата ни ги отвора очите за страдалното човештво

На молитвата Ангел Господов во недела 15 февруари 2026 година, папата Лав XIV размислуваше за Исусовото исцелување на слепородениот човек и рече дека верата нè учи да го гледаме човештвото и неговите маки онака како што Бог ги гледа.

Папата Лав XIV ја молеше молитвата Ангел Господов во неделата заедно со ходочесниците собрани на плоштадот „Свети Петар“.

Во своето обраќање пред пладневната молитва, Папата се осврна на неделното Евангелие, кое зборува за Исусовото исцелување на слепородениот човек (Иван 9,1–41).

Во овој настан, рече тој, се открива таинството на спасението, зашто Синот Божји дојде да ни ги отвори очите, додека човештвото живеело во темнина.

Како човекот од Евангелието, така и ние сме биле „родени слепи“ за таинството на животот, кое далеку ја надминува нашата способност да ја сфатиме неговата длабочина.

„Затоа Бог стана тело во Исус“, рече Папата, „за глината на нашата човечност, обликувана од здивот на Неговата благодат, да прими нова светлина, способна да ни помогне да се гледаме себеси, другите и Бог во вистина.“

Папата потсети на изреката дека верата е како „скок во темнина“, што би значело дека верата е затворање на очите и „слепо“ верување.

Но, рече тој, средбата со Христос и Неговата љубов ни ги отвора очите на начин каков што претходно не сме го познавале.

„Верата не е слеп чин, откажување од разумот или повлекување во некаква религиозна сигурност што нè тера да го тргнеме погледот од светот“, нагласи Папата. „Напротив, верата ни помага да ги гледаме работите ‘како што самиот Исус ги гледа, со Неговите очи’.“

Папата ги повика христијаните да ги отворат очите за да ги видат страдањата на другите и раните што го измачуваат човештвото.

Додека насилството го проникнува нашиот свет, христијаните треба да сведочат за „будна, внимателна и пророчка“ вера, дури и пред неправдата, насилството и страдањето што нè опкружуваат.

„Таа треба да ни ги отвори очите за темнината на светот“, рече тој, „и да им донесе на другите светлина од Евангелието преку нашата посветеност на мирот, правдата и солидарноста.“

На крајот, папата Лав XIV се помоли Пресвета Богородица да се застапува за нас, за Христос да ни ги отвори срцата и да ни помогне да сведочиме за Него со едноставност и храброст.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот