Не верувајте во овие митови и помогнете да се шири вистината.
Светиот Дух е веројатно најпогрешно разбраната Личност на Пресветата Троица. Затоа е важно да знаеме што навистина учи Католичката црква.
Еве пет вообичаени митови за Светиот Дух во кои многу луѓе сè уште веруваат.
Мит 1: Светиот Дух е „сила“
Вистина: Светиот Дух е божествена Личност, еднаков со Отецот и Синот. Иако Го нарекуваме „Дух“, име што може да звучи помалку лично од „Отец“ или „Син“, Тој е исто толку вистинска Личност како и другите две Лица на Пресветата Троица.
Мит 2: Светиот Дух не постоел во Стариот завет
Вистина: Светиот Дух отсекогаш постоел како Трето Лице на Пресветата Троица, од вечноста. Тој не бил отсутен во Стариот завет. Напротив, активно дејствувал секогаш кога Бог зборувал, создавал или влегувал во човечката историја.
Мит 3: Светиот Дух има понизок статус од Отецот и Синот
Вистина: Да, Светиот Дух Го нарекуваме „Трето Лице“ на Пресветата Троица, но тоа се однесува на односите меѓу божествените Лица, а не на разлика во достоинството, божеството или статусот. Сите три Лица на Пресветата Троица се потполно еднакви, како што свечено исповеда и Символ на верата.
Мит 4: Светиот Дух е само дел од Бога
Вистина: Напротив, секоја Личност на Пресветата Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, е вистински Бог. Бог не е поделен на делови. Сè што Бог прави, трите божествени Лица го остваруваат заедно, во совршено единство.
Мит 5: Вистински христијанин исполнет со Светиот Дух мора да „зборува на јазици“
Вистина: Ова тврдење е погрешно. Постои значителна расправа околу тоа што точно значи „зборување на јазици“. Во католичката традиција, најчесто се разбира како способност да се зборуваат вистински и разбирливи човечки јазици, како што правеле апостолите на Педесетница, а не како неразбирлив говор што денес се практикува во некои харизматски кругови.
Во секој случај, според учењето на Црквата, Светиот Дух Го примаме и стануваме христијани преку Крштението. Потоа сме зајакнати со даровите на Светиот Дух во Миропомазанието, без оглед на тоа дали „зборуваме на јазици“ или не.
CHPop/к.мк

