Папата Фрањо во пораката која ја објави на својот профил на Твитер на 24 април 2019 година спомна дека мачениците од сите времиња, го сведочат Исусовото воскресение
Папата Фрањо: Христијаните денеска се прогонуваат повеќе отколку во првите столетија
На четвртиот ден од Воскресната осмина, папата Фрањо преку својот твитер профил на девет јазици, @Pontifex, ја испрати следната порака: „Со својата верност кон Христос, мачениците од сите времиња покажуваат дека неправдата го нема последниот збор; во воскреснатиот Господ можеме да продолжиме да се надеваме“.
Папата Фрањо многупати го подигаше својот глас против прогоните на христијаните. Можеби ќе биде тешко да се верува – рече во една неодамна објавена видео порака – меѓутоа маченици денес има повеќе отколку во првите столетија. Според бројните меѓународни истражувања, христијаните денес се најпрогонувана група во светот, со повеќе од 200 милиони луѓе подложени на дискриминација, кршење на човековите права, напади и атентати.
Многумина го губат животот за да останат верни на Исус. Црквата денес е Црква на маченици; тие страдаат, го даваат животот, а ние за нивното сведоштво примаме Божји благослов – рече Папата за време на Литургијата во домот Света Марта на 21 април 2015 година.
Два вида на прогони – насилни и маскирани во културата
Папата Фрањо говори за два вида на прогони над христијаните: постои тоа директно, насилно, сурово; и она пристојно, маскирано во културата, модерноста и напредокот. Прогонството му ја одзема на човекот слободата, па и онаа која се повикува на совеста! Бог ни ја даде слободата, меѓутоа тоа прогонство ја одзема слободата – истакна папата Фрањо на Литургијата во домот Света Марта, на 12 април 2016 година. Тоа е прогонство на светот – истакнува Папата – кога големите сили сакаат да наметнат некои однесувања и закони против достоинството на Божјите деца, тие прогонуваат и одат против Бог Создателот.
Папата за исламските атентати
Што се однесува пак до големите појави на атентати, посебно на оние исламските, папата Фрањо го следи правецот на своите претходници, светиот Иван Павле II и Бенедикт XVI, кои во своите осуди на терористичките напади изговорија многу остри зборови против инструментализација на религијата и употребата на насилство во Божјо име, меѓутоа никогаш на тие дела не им дадоа верско значење. Пред сè поради тоа што големо мнозинство на муслиманите или припадници на други вероисповеди не го прифаќаат тоа насилство; освен тоа, да не даваат повод на инструментализацијата, како и поради тоа што продолжувањето на дијалогот е одлучувачки за соживотот и мирот во светот.
Ватикан њуз/к.мк