Надбискупот Галагер: Папата сака да го спаси христијанството на Блискиот Исток

Надбискупот Галагер: Папата сака да го спаси христијанството на Блискиот Исток

Обидот да се запре егзодусот на христијаните од Блискиот Исток беше една од причините зошто папата Фрањо одлучи да отпатува за Ирак. Ова го истакна надбискупот Пол Галагер, секретар за односи со државите во Државниот секретаријат на Светиот Престол

Папата се обидува да го стори тоа, но тоа е многу тешко – призна британскиот надбискуп во интервју за Crux.

Одливот на христијаните од Блискиот Исток – Ирак, Либан, исто така Сирија – е голем предизвик за иднината на христијанството, како и геополитички проблем, бидејќи христијаните отсекогаш биле тука, тие секогаш го имале своето место меѓу другите, поголемите заедници – објасни надбискупот Галагер.

Според него, ако христијаните ги изгубат своите корени на Блискиот Исток, тоа ќе има многу сериозни последици: „повеќе нема да биде жива заедница, туку музеј“.

Шефот на ватиканската дипломатија потсети на ситуацијата во Северна Африка, каде присуството на христијанството сега е само дел од историјата и „титуларните бискупи на Католичката црква имаат титули на епархии што некогаш постоеле во Алжир, Мароко, Тунис“. Сега, „освен традицијата“, нема „вбризгување на живот“ во тамошната Католичката црква и другите христијански цркви. Постои опасност Блискиот Исток да стане место каде што одиме да ги посетуваме музеите на светите места, но таму нема живот – предупреди надбискупот Галагер.

Според него, Папата се обидува да им помогне на христијаните да преживеат на Блискиот Исток, но тоа е тешко затоа што „христијаните не можат да бидат обврзани да останат“ таму затоа што имаат право да емигрираат, особено кога локалните семејства „не ја гледаат таму својата иднината“.

Надбискупот призна дека Светиот Престол се обидува да влијае на меѓународната заедница да создаде услови што ќе им овозможат на христијаните да бидат безбедни во своите татковини. Имаме многу разговори со дипломатскиот кор во Рим – рече надбискупот Галагер, кој придружувајќи го папата Фрањо на неговото патување во Ирак, разговараше со локалниот министер за надворешни работи.

Бројот на христијани во Ирак се намали од 1,3-1,5 милиони на околу 250.000 во последните 20 години.

Деон/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот