Братство и општествено пријателство се патиштата на кои Папата упатува за да се изгради подобар свет, поправеден и помирољубив и тоа со ангажирање на сите: на народот и на институциите. Повторно силно истакнува „не“ на војната и глобализација на рамнодушноста.
Колку се големите идеалите, но и конкретно остварливи патиштата за оние кои сакаат да изградат поправеден и побратски свет во сопствените секојдневни односи, во општеството, во политиката, во институциите? Тоа е прашање на кое пред сè сака да одговори енцикликата на папата Фрањо „Fratelli tutti“. Папата Фрањо ја нарече „социјална енциклика“, а таа го позајмува насловот од „Опомена“ на свети Фрањо Асишки, во која ги користи тие зборови за да се обрати на своите браќа и сестри и да им предложи начин на живот кој има вкус на Евангелието.
Целта на енцикликата е да ја промовира во целиот свет желбата за братство и општествено пријателство. Во позадина, пандемијата од болеста Ковид-19 неочекувано избувна додека го пишував оваа писмо – напоменува Папата. Но, општата здравствена криза покажува дека никој не може сам да се спаси и дека навистина дошол моментот дека сонуваме како да сме еден човечки род во кој сите сме браќа.
Во првото од осумте поглавја насловено „Сенки на затворениот свет“, документот зборува за бројните изопачености на современата доба: за манипулација и деформација на поими како што се демократија, слобода, праведност; за егоизмот и неинтересирањето за општото добро; за превласта на логиката на пазарот заснована на профитот и културата на отфрлање; за невработеноста, расизмот, сиромаштвото; за нееднаквоста на правата и за нивните искривувања како што се ропството, трговијата со луѓе, потчинување на жените кои потоа се присилуваат на абортус и за трговијата со човечки органи. Станува збор за глобални проблеми кои бараат глобално делување – истакнува Папата предупредувајќи исто така на „културата на ѕидови“ која го поддржува ширењето на мафијата која го зајакнува стравот и осаменоста.
На големиот број сенки енцикликата одговара со сјајниот пример на Добриот Самарјанин на кое му е посветено второто поглавје насловено „Странец на патот“. Во неа Папата истакнува дека во болното општество кое свртува грб на болеста и кое е „неписмено“ што се однесува до грижата за слабите и кревките, сите сме повикани да бидеме ближен на другиот, надминувајќи ги предрасудите и личните интереси. Сите сме соодговорни во градењето на општеството кое знае да вклучува, да интегрира и да го подигне оној кој страда. Љубовта гради мостови, а ние сме создадени за љубов – додава Папата поттикнувајќи ги посебно христијаните да Го препознаат Христос во лицето на секој исклучен.
Начелото на способноста за љубов според универзалната димензија е во центарот и на третото поглавје насловено „Размислувај и создавај отворен свет“. Во тоа поглавје папата Фрањо нè поттикнува да излеземе од себе, отворајќи се за другиот во согласност со динамизмот на љубовта преку која тежнееме за универзално заедништво. На крајот – стои во енцикликата, духовниот статус на човечкото постоење ја дефинира љубовта која нè води да го бараме она најдоброто за животот на другиот. Чувството на солидарност и братство се раѓа во семејствата кои треба да се штитат и почитуваат во нивното примарно и премногу потребно воспитно послание. (…)
На миграциите е посветен дел од второто и цело четврто поглавје кое носи наслов „Срце отворено за целиот свет“. Мигрантите со нивните ранети животи, во бегството од војните, прогоните, природните катастрофи, бескрупулозните трговци со луѓе кои се откинати од своите заедници треба да се примат, заштитат, промовираат и интегрираат. Во земјите во кои доаѓаат вистинска рамнотежа ќе биде онаа помеѓу заштитата на правата на граѓаните и загарантираното прифаќање и помош на мигрантите. Папата овде посебно ги истакнува „премногу потребните одговори“ посебно за оние кои бегаат од тешки хуманитарни кризи: треба да се зголеми и да се поедностави давањето на визи; да се отворат хуманитарни коридори; да се обезбеди сместување, сигурност и најосновните услуги; да се даде можност за работа и образование; да се поддржи спојување на семејството; да се штитат малолетниците; и да се загарантира верската слобода. Она што пред сè е потребно – стои во документот, е глобална управа за миграцијата која ќе започне долгорочни проекти одејќи понатаму од поединечни итни потреби во име на солидарен развој на сите народи.
Насловот на петтото поглавје гласи „Најдобра политика“ односно една од најскапоцениот облик на љубовта затоа што се става во служба на општото добро и ја познава важноста на народот, сфатена како отворена категорија расположлива за дијалог. Тоа е популизам за кој говори папата Фрањо, а кој се спротивставува на „популизмот“ кој ја занемарува легитимноста на поимот „народ“, привлекувајќи согласност за да го искористи во служба на сопствениот проект. (…)
Политика која е потребна е – истакна папата Фрањо, е таа која е фокусирана на човековото достоинство, а не подложена на финансиите затоа што само пазарот не ги решава сите проблеми. (…)
Во шестото поглавје со наслов „Дијалог и општествено пријателство“ поимот живот е истакнат како „уметност на средба“ со сите исто така со перифериите во светото и со староседелските народи затоа што од сите може нешто да се научи никој не е бескорисен. За вредноста и промовирањето на мирот Папата размислува во седмото поглавје насловено „Патиштата на новата средба“ и во него истакнува дека мирот е „проактивен“ и се стреми на обликување на општеството засновано на служењето на другите и постигнување на помирување и взаемен развој. Мирот е „занает“ во кој секој мора да го направи својот дел, и чија задача нема крај. (…)
Еден дел од седмото поглавје зборува за војната, „постојана закана“ која е негирање на сите права, неуспех на политиката и на човечкиот род, срамно предавање на силите на злото. Освен тоа заради нуклеарното, хемиското и биолошкото оружје кое погодува многу недолжни цивили денес повеќе не може да се размислува за како било во минатото, на некоја можна „праведна војна“, туку треба силно да се истакна „Никогаш повеќе војна!“ Целосно укинување на нуклеарното оружје е морален и хуманитарен императив. Со парите за вооружување нека се основа Светски фонд за сузбивање на гладот.
Исто така одлучно папата Фрањо се изразува во врска со смртната казна која е недозволива и треба да се укине во целиот свет. Истовремено повторно го истакнува потребното почитување на светоста на животот, таму каде што изгледа дека некои делови од човештвото можат да се жртвуваат, како што се децата кои треба да се родат, сиромашните, инвалидите и старите лица.
Во осмото последно поглавје насловен „Религијата во служба на братството во светот“, Папата истакнува дека тероризмот не произлегува од религијата, туку од погрешните толкувања на верските текстови, како и од политиката на гладот, сиромаштвото, неправдите и угнетувањата. Патот на мирот меѓу религиите е можен; заради тоа потребно е да се загарантира верската слобода, основно човеково право за сите верници.
Посебно размислување во енцикликата е посветено на улогата на Црквата; таа не го става своето послание во приватно подрачје и иако не се занимава со политика не се откажува од политичката димензија на животот, вниманието кон општото добро и грижата за целосен човечки развој, во согласност со евангелски начела.
Папата Фрањо на крајот го спомнува Документот за човековото братство за мир во светот и заедничкиот живот кој го потпиша на 4 февруари 2019 година во Абу Даби заедно со големиот имам Ал-Азхар Ахмад Ал-Тајиб и упати апел во име на човечкото братство да се усвои дијалогот како пат, заедничка соработка како однесување и взаемно познавање како метода и мерило.
Ватикан њуз/к.мк