Папата се сретна со израелскиот претседател

Папата Фрањо на последниот ден од својата посета на Светата Земја се сретна со израелскиот претседател Шимон Перес. Во говорот Папата побара заштита на светите места на Евреите, христијаните и муслиманите и предупреди дека секој облик на насилство или нетолеранција кон Евреите, христијаните или муслиманите мора да биде одлучно запрено. Светите места не се „музеи ниту туристичка атракција“, туку се места на кои верските заедници ја живеат својата вера, својата култура и своето општествено заземање, рече Папата во говорот и побара заштита на нивното сакрално значење.

Светиот Отец ги охрабри мировните настојувања за решавање на израелско-палестинскиот конфликт и меѓуверските тензии, го отфрли секој облик на нетолеранција и поттикна на почитување на правата на христијанската заедница како и правата на другите верски групи и сите малцинства во Израел. Ерусалим мора да биде град на мирот. „Колку е добро кога ходочасниците и жителите уживаат слободен премин на светите места и можат слободно да учествуваат во верските свечености“, рече Папата. Израелскиот 90-годишен претседател го нарече човек на мирот и миротворец и му ги вети своите молитви за мир, сигурност, напредок и „она што е најубаво“ братство.

Израелскиот претседател во својот говор Папата го нарече борец против дискриминацијата, антисемитизмот и расизмот и истакна дека верата понекогаш може да донесе „расипани плодови“ мислејќи на злоупотребата на верата во терористички цели.

На влезот на Претседателската палата израелскиот претседател на Папата му претставил група болни деца заболени од карцином кои изразиле желба да го видат Светиот Отец. За време на посетата Папата и претседателот Перес посадија маслиново дрво во градината на палатата. Средбата е одржана во присуство на политички, верски и општествени јавни лица и неколку стотина деца од различни вероисповеди.

По средбата со израелскиот претседател Папата приватно се сретна и со премиерот Бенџамин Нетањаху во центарот Нотр Дам.

РВ/Д.И.

Категорија: Свет

За авторот