Прославен 50 годишниот монашки јубилеј на с. Тереза Ташева
Му благодарам на Бога за Неговиот неискажлив дар. (2Кор.9,15)
Во четврток 1 мај во Скопје, во капелата на сестрите Милосрдни (Ќерки на христијанската љубов) со свечена Литургија на Свети Иван Златоуст беше прославен 50 годишниот монашки јубилеј на с. Тереза Ташева. Светата Литургија ја предводеше братот на славеничката о. Петар Ташев, заедно со о. Марјан Ристов и о. Димитар Ташев. На светата Литургија беа присутни чесни сестри од општеството на сестрите Евхаристинки и сестри од Мајка Тереза.
Сестра Тереза (Марија) Ташева е родена на 21 јануари 1945 година во Радово. Чесна сестра во Дружбата на ќерките на христијанската љубов станува на 01 мај 1964 година во Белград каде стекнува средно и вишо медицинско образование. Во истиот град работи 4 години на Трауматологија. Во 1969 година се враќа во Македонија каде 5 години работи на Педијатрија, а 32 години работи со стари лица на Геријатрија сѐ до нејзиното пензионирање во 2006 година.
Во своите млади години добива реуматизам по сите зглобови и тоа ја измачува повеќе од 40 години, но с. Тереза сите болки и страдања секојднево ги даруваше и ќе ги дарува за потебите на Црквата. (о.Д.Т.)