Апостолскиот нунциј монс. Лучиано Суриани, кој резидира во Софија, заедно со првиот секретар на Апостолската нунцијатура, монс. Кристофер Сајлер, од 23 до 26 ноември 2026 година ја посети Католичката црква во Македонија.
Во текот на четиридневната посета, монс. Суриани оствари средба со Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх. Заедно го посетија Пасторалниот центар во Скопје, скопската парохија „Пресвето Срце Исусово“ и Македонски Каритас.
При посетата на скопската парохија, Апостолскиот нунциј се сретна со новиот парох дон Карол Томашевски, а во Македонски Каритас со директорот, протојереј-ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов. Во рамки на програмата ги посети и монашките заедници на сестрите Евхаристинки и сестрите на света Мајка Тереза, како и заедницата на Марииното дело, Фоколарини.
За време на престојот во Скопје, монс. Суриани оствари средба и со Неговото Блаженство г.г. Стефан, поглавар на Македонската православна црква, Охридска архиепископија и Јустинијана Прима, како и со претставници на дипломатскиот кор во земјата.
Посетата на монс. Лучиано Суриани на Католичката црква во Македонија помина во срдечна и братска атмосфера и беше можност за средби со црковните заедници и институции, како и за непосредно запознавање со живот и делувањето на Црквата во Македонија.
к.мк

