Папата Лав: На светот му се потребни екуменски сведоци за Христос

Папата Лав: На светот му се потребни екуменски сведоци за Христос

На средбата со делегација на Светската лутеранска федерација, папата Лав XIV ги охрабри христијаните да сведочат за Христос и да продолжат по екуменското „патување на благодатта“.

Папата Лав XIV во четврток, 1 октомври 2026 година, прими на аудиенција претставници на Светската лутеранска федерација.

Во своето обраќање, Папата изрази благодарност што односите меѓу лутераните и католиците во текот на изминатите децении созреале и на духовно и на теолошко ниво.

Тој посочи на тековниот меѓународен дијалог меѓу Лутеранската и Католичката црква, кој достигна шеста фаза.

Потоа папата Лав потсети на повикот на покојниот папа Фрањо од 2021 година за екуменизам кој ги прочистува сеќавањата и помага да се надминат закоравените ставови.

„Екуменизмот не е вежба на црковна дипломатија, туку пат на благодатта“, рече тој. „Тој не зависи од човечки преговори и договори, туку од Божјата благодат.“

Папата Лав ги охрабри католиците и лутераните да продолжат по тој пат.

„Обновеното заедништво во апостолската вера, во Светите Тајни и во службите е целта на нашиот екуменски пат на благодатта, по кое одиме заедно, водени од Евангелието“, рече тој.

Папата истакна дека во 2030 година ќе се одбележи 500-годишнината од Аугсбуршката исповед, нагласувајќи дека она што некогаш станало повод за поделба сега треба да стане можност за „поголемо екуменско искуство“, кое ќе ги приближи христијаните кон целосно и видливо единство.

Тој потсети и на зборовите на свети папа Иван Павле II за Аугсбуршката исповед, според кои намерата на нејзините автори била да сведочат за „нивната вера во едната, света, католичка и апостолска Црква“.

Замислена како документ што требало да придонесе за помирување во рамките на Црквата, Confessio Augustana подоцна почнала да се восприема како текст што ја изразува конфесионалната поделба.

Папата Лав ги повика сите христијани, а особено теолозите, да ги насочат своите умови и срца кон Христос додека Црквите се подготвуваат за годишнината во 2030 година.

„Да се вратиме, со голема посветеност“, рече тој, „кон нашите заеднички корени, кон верата на раната Црква и на црковните отци, за повторно да го откриеме апостолското и предконфесионалното наследство што навистина нè обединува како браќа и сестри во Христа.“

На крајот, папата Лав XIV рече дека Христос не смее да стане „туѓ збор“ во нашиот свет и ги повика лутераните и католиците заедно да ја исполнуваат заедничката мисионерска задача на навестување на Евангелието.

„На нашиот свет му се потребни екуменски сведоци за Христос, кои Го навестуваат преку своите животи и дела“, рече тој, „зашто само Тој е живиот извор способен да ги исполни најдлабоките копнежи на човештвото“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот