Папата Лав XIV пред новинарите зборуваше за здравјето, поделбите во општеството и единството во Црквата

Папата Лав XIV пред новинарите зборуваше за здравјето, поделбите во општеството и единството во Црквата

На повратниот лет од Лима за Рим, папата Лав XIV одговараше на прашања од новинарите за своето апостолско патување во Уругвај, Аргентина и Перу, како и за здравствената состојба, политичката поларизација, економските предизвици, злоупотребите во Црквата, свештеничките звања и идните патувања.

На почетокот од прес-конференцијата, одговарајќи на поздравот на директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, Папата рече дека патувањето би можело да го нарече „Magnifica Humanitas“. Според него, тоа било искуство на средба со различни народи, култури и начини на изразување на верата, како и можност повторно да се препознае големината на човечката личност како Божјо создание.

На прашањето на Хуан Карлос Паулие од „Зорила Медиа“ за неговата физичка издржливост по неодамнешната операција, папата Лав призна дека и самиот бил изненаден од тоа колку добро го издржал патувањето. Тој рече дека закрепнувањето траело повеќе од еден месец и дека сè уште не се чувствува целосно подготвен, но благодарение на лекарите, молитвите и сопствената решителност успеал да ја реализира посетата.

Одговарајќи на прашање за посетата на Уругвај, Папата истакна дека малобројноста на една католичка заедница не значи безначајност. Тој ја спореди верата со синапово зрно и го посочи големиот одѕив на верниците како знак дека Црквата и во силно секуларизирано општество има значајна порака.

На прашањето на Елизабета Пике од „Ла Насион“ за средбите со аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, папата Лав рече дека неговата порака не била политичка. Тој објасни дека разговарале за достоинството на човечката личност, заштитата на животот и потребата поголемо внимание да им се посвети на најранливите во аргентинското општество. Биле разгледани и економските проблеми со кои се соочува земјата.

Памела Франческато од „Канал 5 Нотисијас“ го праша Папата како Аргентина може да го зачува чувството на единство по неговата посета. Папата предупреди дека современите општества дозволиле алгоритмите и намерно создаваната поларизација да имаат силно влијание врз јавниот живот. Според него, христијанската порака повикува на градење мостови, помирување и дијалог, дури и кога постојат сериозни разлики во мислењата.

На прашањето на Серхио Рубин од „Кларин“ за економската криза и слабеењето на средната класа во Аргентина, Светиот Отец рече дека граѓаните и политичките лидери треба заеднички да бараат решенија што служат на општото добро. Тој ја нагласи улогата на малите претпријатија во создавањето работни места и предупреди на сè поголемата концентрација на богатството кај мал број луѓе.

Фатима Салдонид од перуанската јавна телевизија го праша Папата што најмногу го трогнало за време на престојот во Перу. Тој рече дека наклонетоста, верата и ентузијазмот на перуанскиот народ се нешта што ќе ги носи во срцето. Особено ја истакна блискоста на верниците кои сакале да го допрат папамобилот или да му подарат бројаница, споредувајќи ја нивната вера со евангелската жена која сакала да го допре Христовиот плашт.

На прашањето на Карлос Виљареал за жртвите на злоупотреба од членови на Црквата, папата Лав рече дека средбите со нив се израз на желбата за близина и исцелување. Тој нагласи дека Црквата мора да продолжи да работи на превенција, а локалните епископи и пасторални работници имаат обврска да ги придружуваат жртвите и да им помогнат да дојдат до правда.

Фабио Маркезе Рагона од „Медиасет“ го праша Папата за неговото здравје и операцијата на белите дробови. Светиот Отец откри дека туморот бил откриен при рутински преглед, иако немал никакви симптоми. По операцијата, туморот бил целосно отстранет и останал ограничен на оперираниот дел од белите дробови, поради што нема потреба од дополнителна терапија. Папата ги охрабри луѓето редовно да одат на превентивни прегледи и да не се плашат од неопходното лекување.

На прашањето на Гери О’Конел од списанието „Америка“ за недостигот од свештеници во Амазонија и можноста за ракополагање на оженети мажи, папата Лав рече дека тоа е едно од можните решенија за кое се размислува, но дека не е единствено. Тој предупреди дека прашањето може да предизвика поделби и нагласи дека негов приоритет останува единството и заедништвото во Црквата.

Одговарајќи на прашањето на Силвија Висоцка од ПАП дали има потпишано условна оставка во случај на тешка здравствена неспособност, Папата рече дека засега не гледа потреба за таков документ и дека прашањето го доверува во Божји раце.

На прашањето на Валентина Алазраки за неговото американско потекло и можните идни патувања, папата Лав рече дека американската култура го обликувала преку директноста во комуникацијата, мултикултурната средина и важноста на демократијата и демократското учество. За 2027 година, додаде тој, засега е потврдено само патувањето во Кореја за Светскиот ден на младите.

Жан-Мари Геноа од „Ле Фигаро“ го праша Папата за духовната злоупотреба, „Traditionis Custodes“ и можните нови кардинали. Папата рече дека духовната злоупотреба сериозно се проучува во Ватикан, особено во однос на нејзиното канонско регулирање. За „Traditionis Custodes“ потврди дека ќе продолжи да ја почитува одлуката на папата Фрањо и постојните можности за посебни дозволи за славење според претходниот римски обред. За нови кардинали не даде конкретни најави.

На последното прашање, поставено од Џакомо Галеаци од „Ла Стампа“, за состојбата по среднорочните избори во САД, папата Лав повтори дека не сака да дава политички коментари. Тој изрази надеж за повеќе дијалог, градење мостови и помирување, со помалку огорченост, поделби и конфликти.

„Се надевам дека некои луѓе ќе го слушнат социјалната наука на Црквата. Да се стремиме секогаш да го промовираме дијалогот и способноста за слушање“, порача Папата.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот