Папата Лав XIV ја продолжува посетата на Перу со пораки за евангелизација, заедништво и достоинство
Апостолското патување на папата Лав XIV во Перу продолжи во петок, 13 ноември, со посетата на Чиклајо, градот во кој Светиот Отец повеќе години ја извршуваше својата епископска служба. Во текот на денот Папата служеше Света Литургија, се сретна со претставници на локалната Црква и академската заедница и ја посети капелата посветена на Свети Оскар Ромеро.
Пред да замине од Лима, папата Лав ги поздрави верниците собрани пред Апостолската нунцијатура и им се заблагодари за деновите исполнети со молитва и радост. Тој ги повика да ја зачуваат надежта и да продолжат заеднички да работат, потсетувајќи на вредноста на верата, животот и почитувањето на достоинството на секоја човечка личност.
Посебно значење имаше неговото враќање во Чиклајо, каде што служеше како епископ од 2015 до 2023 година. Голем број верници излегоа на улиците за да го поздрават, додека околу 500.000 луѓе учествуваа на Светата Литургија на Пампас де Пиментел. Во проповедта Папата упати силен повик за евангелизација и потсети дека секој крстен човек е повикан да биде ученик и мисионер.
„Овде во Чиклајо и низ цел Перу ве повикувам да ја споделувате живата надеж, која е Исус Христос“, порача папата Лав, охрабрувајќи ги верниците Евангелието да се шири од нивните семејства, населби, села и градови. Според него, навестувањето на Христос останува суштинска мисија и длабок повик на Црквата.
Во текот на престојот во Чиклајо Папата приватно ја посети и капелата „Свети Оскар Ромеро“. Таму им се заблагодари на верниците за нивната работа и молитва и потсети дека сите крстени, секој според сопствениот повик, учествуваат во мисијата на Црквата и во пренесувањето на Радосната вест.
На средбата со свештеници, ѓакони, богопосветени лица, семинаристи и членови на синодалните и пасторалните совети, Светиот Отец посебно се задржа на значењето на Крштението. Тој нагласи дека пред секоја служба, професија или црковна должност, основниот идентитет на христијанинот е да биде Божјо дете и член на Божјиот народ.
Папата потсети дека христијанската заедница треба да се препознава по братската љубов, заедништвото и способноста да ги вреднува различните дарови и харизми. Особено го истакна учеството на мирјаните во животот на Црквата, нагласувајќи дека тоа произлегува од нивното крстително достоинство. Тој повика и на поголемо внимание кон семејствата, младите, мигрантите, домородните народи и луѓето што живеат во сиромаштија.
Во Католичкиот универзитет „Свети Турибиј од Могровехо“, папата Лав се сретна со студенти, професори и претставници на академската заедница. Во своето обраќање истакна дека универзитетот треба да биде место каде што потрагата по вистината станува служба на човештвото и каде што верата и разумот, како и религијата и науката, можат да влезат во плоден дијалог.
Светиот Отец предупреди и на опасноста образованието да се сведе само на подготовка на квалификувана работна сила. Тој ги охрабри студентите да развиваат критичко мислење и мудрост која не може да биде заменета од машините и компјутерските програми, особено во време на брз технолошки развој. Научните достигнувања, истакна Папата, треба да служат на човечкото достоинство, општото добро и надминувањето на општествените поделби.
Во рамките на средбата беше слушнато и сведоштвото на Марија де лос Анхелес Гусман Ваље, мајка на момче со тешка попреченост, која зборуваше за верата со која нејзиното семејство се соочува со болеста и за животот на нејзиниот син како благослов.
Во сабота, 14 ноември, програмата на апостолското патување продолжува во Чиклајо, а предвидена е и посетата на Санта Круз де Сукабамба, оддалечена заедница во Андите. Таму папата Лав треба да служи Света Литургија, исполнувајќи ветување дадено уште пред неговото заминување од Перу во 2023 година. За прославата се очекува присуство на десетици илјади верници.
Посетата на Перу е последниот дел од апостолското патување на папата Лав XIV низ Јужна Америка. Во наредните денови се предвидени и посети на Куско и Пукалпа, пред завршната Света Литургија во Лима и враќањето во Рим.
Ватикан њуз/к.мк

