Молитвена накана на епископот Стојанов за ноември 2026 година

Молитвена накана на епископот Стојанов за ноември 2026 година

За одговорно користење на зборот и за љубов кон вистината, особено на социјалните мрежи

Во месец ноември ве повикувам да молиме за одговорно користење на зборот и за љубов кон вистината, особено во комуникацијата на социјалните мрежи.

Зборот е Божји дар. Со него можеме да охрабриме, да утешиме, да градиме доверба и да носиме мир. Свети Павле нè потсетува „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање каде што треба, за да им принесе благодат на оние што слушаат“ (Ефесјаните 4,29). Овој повик се однесува и на она што го пишуваме, објавуваме и споделуваме во дигиталниот простор.

Папата Фрањо во апостолскиот поттик Christus vivit (89) предупредува дека дигиталниот простор може да го олесни ширењето лажни вести и информации, да поттикнува предрасуди и омраза и да го загрози угледот на луѓето преку површни судења на интернет. Затоа сме повикани и на социјалните мрежи да го чуваме достоинството на ближниот и со своите зборови да сведочиме за вистината и Христовата љубов.

Да молиме Господ да ни подари мудрост во разговорите и одговорност во она што го објавуваме и споделуваме. Да умееме да застанеме и да размислиме пред да проговориме или напишеме. Да го препознаваме и користиме она што е вистинито, добро и достојно за човекот.

Нека нашите зборови носат мир и градат заедништво меѓу луѓето, а преку нив да се препознава Христос, Кој е „Патот, Вистината и Животот“ (Иван 14,6).

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот