Монсињор Стојанов присуствуваше на одбележувањето на 30-годишнината од упокојувањето на архиепископ Гаврил
Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, присуствуваше на одбележувањето на 30-годишнината од упокојувањето на архиепископот Охридски и Македонски Гаврил, што се одржа на 10 ноември 2026 година во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Радишани, Скопје.
На свеченоста, покрај монсињор Стојанов, присуствуваа архиепископот г.г. Стефан, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква Марјан Стојанов, претставници на Исламската верска заедница, државните институции, локалната самоуправа, свештенослужители и други гости.
Одбележувањето започна со панихида на гробот на архиепископ Гаврил, која ја отслужи Неговото Блаженство, архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан.
Во рамките на настанот беше отворена и музејска поставка посветена на животот и делото на архиепископ Гаврил. Во поставката се изложени лични предмети, писанија и други материјали поврзани со неговиот живот и служба, со цел да се зачува споменот за неговиот придонес во поновата македонска црковна историја.
Архиепископ Гаврил е особено познат по својот придонес во преводот на Светото писмо на современ македонски јазик, чиј целосен превод беше објавен во 1990 година.
Настанот беше организиран од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во соработка со Македонската православна црква, Охридска архиепископија.
к.мк

