Деветница пред доаѓањето на иконата на Пресвета Богородица Утешителка Паљурска во Битола

Деветница пред доаѓањето на иконата на Пресвета Богородица Утешителка Паљурска во Битола

Од 12 до 20 ноември 2026 година во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Битола ќе се моли Деветница како духовна подготовка за ходочастието и свеченото доаѓање на чудотворната икона на Пресвета Богородица Утешителка Паљурска.

Парохот дон Томаш Бак ги охрабри верниците овие девет дена да ги поминат во молитва, пост и дела на милосрдие, подготвувајќи ги своите срца за ходочастието и за средбата со Господ преку застапништвото на Пресвета Богородица.

Тој упати повик и до верниците од другите парохии, а особено до оние кои на 21 ноември ќе ходочестат во Битола, да се приклучат на Деветницата и да се соединат во заедничка молитва од своите домови или преку програмата на Радио Марија.

Како дел од духовната подготовка, дон Томаш Бак ги охрабри верниците да принесат доброволен пост или лично одрекување и да направат конкретно дело на милосрдие кон оние на кои им е потребна помош.

Свеченостите на 21 ноември ќе започнат во 10.00 часот со свечен прием на чудотворната икона на Пресвета Богородица Паљурска. Во 10.30 часот во црквата „Пресвето Срце Исусово“ ќе следуваат сведоштво и катехеза.

Во 11.30 часот Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, во сослужение со свештеници од Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија, ќе служи Света Литургија. Во 13.00 часот ќе следува свечена процесија со чудотворната икона низ Широк Сокак.

Верниците кои сакаат да се вклучат во Деветницата треба да започнат на 12 ноември и секој ден до 20 ноември да ја молат молитвата кон Мајка Божја Утешителка.

Молитва кон Мајка Божја Утешителка

О, Маријо, Мајко Божја, Ти ги познаваш маките и неволјите на овој свет, моли и бдеј непрестајно над нас и над целата Црква и биди наша Мајка и наша Утешителка.

Утеши нè и побрзај да ни помогнеш во сите наши потреби.

Богородице, Утешителке наша, биди ни засолниште во овој минлив свет и измоли вечен живот нам и на целата Христова Црква.

Особено те молиме да се застапиш (за ходочастието во Битола и доаѓањето на иконата Богородица Утешителка Паљурс) при Исуса, нашиот Господ и Спасител. Амин.

По оваа молитва се молат „Оче наш“, „Радувај се, Маријо“ и „Слава на Отец“.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот