Папата до аргентинските епископи: „Радувајте се на сè што го унапредува животот на луѓето“

Папата до аргентинските епископи: „Радувајте се на сè што го унапредува животот на луѓето“

Папата Лав XIV ги повика аргентинските епископи да го поддржуваат сето она што го унапредува животот на луѓето, да работат за единство и помирување и да го задржат Христос во центарот на секоја пастирска иницијатива.

На крајот од својот втор ден во Аргентина, понеделник 9 ноември 2026 година, Светиот Отец служеше Вечерна со епископите и синодалните тимови во катедралата Света Троица во Буенос Аирес.

Во своето обраќање тој потсети на богатството и разновидноста на Аргентина и нагласи дека во секој дел од земјата има луѓе кои чекаат да ја слушнат Радосната вест.

„Во секој агол од оваа маријанска земја, од најголемите градови до најмалите села, има браќа и сестри кои чекаат да ја чујат Радосната вест на Евангелието“, рече Папата.

Говорејќи за мисијата на епископите, папата Лав нагласи дека тие се повикани да го чуваат единството во верата и љубовта и да го зајакнуваат заедништвото во Црквата.

Како примери ги посочи блажените Мамерто Ескиу, Енрике Анџелели и Едуардо Пиронио, истакнувајќи дека нивниот живот покажува како пастирската служба може да придонесе за единство и мир.

„Светците продолжуваат да создаваат светци“, рече Светиот Отец.

Папата посебно се осврна и на помирувањето, кое бара признавање на раните, ослободување од огорченоста и отворање за Божјата благодат.

Тој ги повика епископите да вложуваат во формирањето на пасоторални работници, катехисти и луѓе кои преку конкретни дела на милосрдие ќе го пренесуваат Евангелието.

„Мораме да работиме заедно за да ги негуваме свештеничките и богопосветените звања, да ги придружуваме семејствата и да се грижиме за оние што живеат во сиромаштија, кои се невработени или немаат достоинствен дом“, рече Папата.

Тој ги охрабри епископите да ги поддржуваат сите иницијативи што придонесуваат за доброто на луѓето.

„Радувајте се на сè што го унапредува животот на вашиот народ, чесната работа, грижата за оние на кои им е најпотребна и институциите кои одговорно служат на општото добро“, порача папата Лав XIV.

На крајот ги повика аргентинските епископи од Светиот Дух да бараат сила и мудрост, а од Пресвета Богородица мајчинска помош, за почитувањето на човечкото достоинство, грижата за сиромашните и за созданието да ги преточуваат во конкретни пастирски одлуки.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан

За авторот