Папата на светата Литургија во Аргентина: Христијанското семејство останува столб во време на несигурност
На светата Литургија во Буенос Аирес по повод празникот Посветување на Латеранската базилика, папата Лав XIV се осврна на библиската слика за храмот како знак на единство и заедништво и го истакна христијанското семејство како извор на вистинска обнова.
„Празникот Посветување на Латеранската базилика нè води до самата суштина на тоа што значи да се биде Црква“, рече папата Лав XIV за време на светата Литургија во Буенос Аирес во понеделник, 9 ноември 2026 година.
Тој објасни дека базиликата „Свети Иван Латерански“, како катедрална црква на Римскиот епископ, „е знак на единството и заедништвото на сите Цркви низ светот“.
Храмот повторно да стане дом на молитвата
Осврнувајќи се на литургиските читања, Светиот Отец се задржа на сликата на храмот, почнувајќи од евангелскиот расказ за Исусовото очистување на Ерусалимскиот храм.
Со тоа, рече Папата, Исус сака „да му ја врати на домот на Отецот неговата вистинска смисла“.
Наместо односот со Бога да го претвораме во трговија и пресметување, Исус ни покажува дека Бог Отецот „секогаш е подготвен да ни го даде секое добро“.
На тој начин, продолжи Папата, „храмот, местото на Неговото присуство, повторно станува дом на молитвата за сите Негови деца“.
Потоа Светиот Отец се осврна на првото читање, во кое од храмот извира вода што носи живот насекаде каде што ќе стигне, како и на псалмот, во кој земјата се тресе, а планините се разнишуваат. Овие слики, рече тој, ја покажуваат „кревкоста и несигурноста со кои толку често се среќаваме во човечкиот живот“.
„Среде сите овие тешкотии и кризи“, рече папата Лав, „Божјото слово свети како извор на надеж. Бог е меѓу нас и нема потреба да се плашиме.“
Семејството како семе на обнова
Потсетувајќи дека Христос преку Своето воскресение „веќе ни подготвил место во Своето срце“, Светиот Отец ги повика верниците да ја примат оваа благодат и во своите семејства.
„Примете ја оваа благодат во вашите семејства“, порача Папата.
Со Исус и преку Него, рече тој, „секое семејство може да стане семе на вистинска обнова за оваа земја“.
Папата ги повика верниците „да ги отворат вратите на своите домови за Христос“ преку заедничка семејна молитва, меѓусебно простување и слушање, преку бабите и дедовците кои ги учат своите внуци да се молат и преку други едноставни секојдневни гестови.
„Семејството е привилегирано место каде што човекот може да Го запознае и да Го сретне Христос“, рече папата Лав XIV.
„Вие ѝ требате Црквата во Аргентина!“
На крајот Папата ги охрабри семејствата активно да учествуваат во евангелизацијата.
„На Црквата во Аргентина ѝ требате вие!“, рече папата Лав.
Тој додаде дека Црквата се обновува и добива нова сила кога семејствата, поттикнати од верата, се молат заедно и ја живеат својата мисија да ја навестуваат Радосната вест.
Доверувајќи ги семејствата на Пресвета Богородица и Свети Јосиф, папата Лав XIV ја заврши проповедта со молитва Исус да ги благослови верниците, „за и нашите домови да станат храмови на Неговото присуство“.
Ватикан њуз/к.мк

