Папата Лав XIV му помогна на свештеник на кого му се слоши од жештината на плоштадот „Свети Петар“
Отец Франко Семераро за Ватикански вести раскажа како папата Лав XIV му притрчал на помош на неговиот брат, отец Диего, откако на 27 мај 2026 година, на крајот од Генералната аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, му се слошило поради жештината.
Сликата брзо се прошири низ целиот свет: група мажи во темни костуми се собраа во првите редови на плоштадот „Свети Петар“, на крајот од Генералната аудиенција во среда. Потоа се појави папата Лав XIV, слегувајќи од платформата од каде што зборуваше, и клекна за да види што се случило.
Лицето на кое му беше укажана помош беше отец Диего Семераро, свештеник од Мартина Франка, град во Пуља, јужна Италија. Тој дошол во Рим заедно со својот брат, отец Франко, и му се слошило поради жештината.
Отец Франко слави 60 години од своето свештеничко ракополагање и му подарил на папата Лав XIV албум со фотографии од моштите на свети Августин, кога тие пристигнале во Мартина Франка пред околу 20 години.
Папата Лав XIV му помага на отец Диего
„Тоа беше нешто извонредно“, изјави отец Франко за Ватикански вести, опишувајќи го настанот.
Додека двајцата се приближувале до платформата за традиционалното ракување со Папата, што се одржува на крајот од Генералната аудиенција, отец Диего почнал да се чувствува лошо.
„По три часа стоење на сонце, на мојот брат му се слоши. Падна прилично лошо и сега е малку болен, но фала Му на Бога, добро е“, објасни отец Франко.
Папата Лав XIV „беше првиот што клекна и отиде да му помогне“, рече отец Франко, опишувајќи го изненадувањето на самиот отец Диего, кој извикал: „Ваша Светост, навистина ли сте Вие?“
Потоа Папата му ја стиснал раката и му подарил Бројаница. По случката, свештеникот бил однесен на преглед во ватиканската служба за итна помош, каде што, според информациите, не биле утврдени никакви посериозни проблеми.
Подоцна, по Генералната аудиенција, ручал и служел света Литургија.
Ракоположен на плоштадот „Свети Петар“
Ова не е првпат отец Диего, кој во јуни ќе наполни 82 години, да доживее силни емоции на плоштадот „Свети Петар“. Во 1970 година токму таму бил ракоположен за свештеник од папата Павле VI.
Со години служел во парохијата „Свето Семејство“ во Мартина Франка, каде што извршувал долга пасторална служба.
Ватикан њуз/к.мк

