Папата Лав XIV го посети Католичкиот универзитет во Уругвај во Монтевидео и ги повика сите кои се вклучени во образованието да го отфрлат искушението да ги омаловажуваат другите и наместо тоа да научат да слушаат со почит.
На вториот ден од своето апостолско патување во Уругвај, папата Лав XIV се сретна со образовната заедница на Католичкиот универзитет во Уругвај.
Во своето обраќање Папата потсети дека Свети Иван Павле II ја посетил оваа институција пред повеќе од 38 години, набргу откако била основана во нејзината сегашна форма.
Папата Лав им се заблагодари на сите кои се вклучени во католичкото образование за нивната истрајност во навестувањето на Евангелието, кое „прави сè ново“.
„Целта на пасторалната мисија во образованието е учениците, наставниците и оние кои управуваат со училиштата да можат да ја слушнат, видат, вкусат, допрат и почувствуваат Радосната вест, дозволувајќи ѝ да ги просветли нивните сетила“, рече тој, за секој човек во целост да го препознае своето „неотуѓиво достоинство како човечка личност“.
Папата рече дека општеството треба да ја надмине поделбата според која телото се гледа како предмет со кој може произволно да се располага, бидејќи човечкото суштество, „иако е составено од тело и душа, е едно“.
Потоа се осврна на тоа како петте сетила можат да ни помогнат повторно да ја откриеме убавината на Евангелието и големината на човечката личност.
Нашиот вид, рече тој, ја отвора душата за созерцание, односно внимателно и со восхит да ги гледаме и материјалните и духовните стварности.
„Созерцувањето на созданието и средбата со Бога во нас ја будат свеста за нашето место во Неговиот план и за нашата лична и заедничка одговорност да ја зачуваме првобитната хармонија“, рече тој.
Сетилото за допир, според Папата, нè потсетува на должноста на човекот да ја обработува земјата и да донесува плодови. Тој, исто така, потсети дека човечките раце можат да предизвикаат и војна, која ја нарече „најстрашното човечко дело“. Оние што ја почувствувале прегратката на милосрдниот Отец, додаде тој, се повикани да станат миротворци.
Потоа папата Лав се осврна на сетилото за вкус, кое, како што рече, не се однесува само на храната и вкусовите, туку потсетува и на „мудроста што доаѓа од искуството, размислувањето и уживањето“.
Тој ги охрабри училиштата и универзитетите „мудро да ги користат технологиите и вештачката интелигенција, ставајќи ја личноста пред алгоритмот и усогласувајќи ги техничката, емоционалната, социјалната, духовната и еколошката интелигенција“.
Говорејќи за сетилото за мирис, Папата потсети на зборовите на Свети Августин дека „добриот углед е пријатен мирис“.
„Денес, угледот на луѓето е постојано изложен на напади, до тој степен што отфрлањето и омаловажувањето на другите станаа непријатен мирис на кој нашето сетило за мирис веќе се навикнало“, рече тој.
Папата Лав рече дека католичките училишта треба да му се спротивстават на процесот на дехуманизација во кој компјутерските системи се нарекуваат „интелигентни“, додека достоинството на човечката личност престанува да се признава кога нејзината продуктивност е намалена.
На крајот Папата се осврна на сетилото за слух и на важноста да умееме внимателно да слушаме и да расудуваме.
„Оние кои знаат да слушаат, ги препознаваат другите како благослов, а не како закана“, рече тој. „Во Светото Писмо, слушањето на Господ се смета за чин на мудрост, разумност и праведност.“
Католичкото образование, заклучи папата Лав XIV, треба да ги живее овие три доблести и да оди со Христос, Кој е Патот, Вистината и Животот.
Пред да замине, Папата им се обрати на студентите собрани во дворот на Универзитетот и ги охрабри да живеат со ентузијазам и радост.
„Сакам да споделам со вас една голема желба што ја носам во срцето“, рече тој. „Се надевам дека секој ден повторно ќе го пронаоѓате истиот ентузијазам што го чувствувате денес и дека ќе можете да бидете гласот што му е потребен на Уругвај за да открие колку е важна верата во Бога, колку е скапоцен човечкиот живот и колку е важен животот на секој од вас.“
Ватикан њуз/к.мк

