Надбискупот Галагер: Дијалогот ја овозможува соработката

Надбискупот Галагер: Дијалогот ја овозможува соработката

Секретарот на Светиот Престол за односи со државите и меѓународните организации се обрати на семинар во Асизи, во рамките на одбележувањето на 800-годишнината од смртта на свети Фрањо.

Надбискупот Пол Ричард Галагер рече дека вистинскиот дијалог не ги брише разликите, туку создава услови тие да коегзистираат преку соработка.

Говорејќи во Асизи во понеделник, 7 септември 2026 година, секретарот на Светиот Престол за односи со државите и меѓународните организации се обрати на отворањето на семинарот за професори по теологија и пасторални асистенти на Католичкиот универзитет „Пресвето Срце“. Овогодишниот семинар е посветен на свети Фрањо и на патиштата на помирувањето.

Средбата се одржа во Салата на помирувањето во Асизи, место што потсетува на една важна историска средба меѓу Светиот Престол и италијанската држава.

На 4 октомври 1926 година, за време на прославите по повод седумстотата годишнина од смртта на свети Фрањо, кардиналот Рафаел Мери дел Вал, папски легат, се сретнал со Пјетро Феделе, италијански министер за јавно образование. Таа средба помогнала да се отвори патот за формалните преговори што довеле до Латеранскиот договор од 1929 година.

Подготвеност за средба

Осврнувајќи се на таа историја, надбискупот Галагер рече дека „ниту еден договор не се раѓа без волја за средба“, додека гестовите на приближување на крајот треба да се преточат во „праведни и трајни правила“.

Тој потсети дека Латеранскииот договор воспостави нова рамка за односите меѓу Светиот Престол и Италија, додека ревизијата на Конкордатот од 1984 година го изразила принципот дека Црквата и Државата остануваат независни во своите области, но соработуваат „за унапредување на човештвото и доброто на земјата“.

„Затоа, разликата не значи отуѓување, а соработката не значи мешање“, рече тој.

Галагер се осврна и на описот на папата Лав XIV за кардиналот Мери дел Вал како „вистински дипломат на средбата“, истакнувајќи дека автентичниот дијалог не ги брише разликите, туку бара услови тие да можат да живеат заедно преку лојална соработка.

„Господ нека ви даде мир!“

Надбискупот го заврши своето обраќање повикувајќи се на свети Фрањо и потсетувајќи на зборовите од неговиот Завет: „Господ ми откри дека треба да го кажуваме овој поздрав: Господ нека ви даде мир!“

За свети Фрањо, рече Галагер, мирот пред сè е дар што се прима. Дипломатијата не може сама да создаде мир, но може да ги подготви човечките, политичките и правните услови во кои мирот може да пушти корен.

На четиридневниот семинар, кој ќе трае до 10 септември, присуствуваат професори по теологија и пасторални асистенти во интердисциплинарно размислување, вдахновено од духовното наследство на свети Фрањо, во рамките на прославите по повод 800-годишнината од неговата смрт.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот