Нобеловци и експерти во Borgo Laudato si’ разговараат за нуклеарната војна и вештачката интелигенција

Нобеловци и експерти во Borgo Laudato si’ разговараат за нуклеарната војна и вештачката интелигенција

Во Borgo Laudato si’ во Кастел Гандолфо, на 14 јули 2026 година започна Глобалното собрание на добитници на Нобелова награда, експерти, поранешни државници и универзитетски претставници, посветено на вештачката интелигенција и нуклеарната војна. Учесниците дискутираат за некои од најголемите предизвици со кои се соочува современото човештво.

Повеќе од 200 учесници се собраа во папските градини во Кастел Гандолфо за да разговараат за ризиците од нуклеарна војна и брзиот развој на вештачката интелигенција. Тридневниот настан, кој трае до 16 јули, е вдахновен од енцикликата на папата Лав XIV, Magnifica Humanitas, посветена на заштитата на човечкото достоинство во дигиталната ера.

Собранието ќе заврши со потпишување на Римската декларација за мир и разоружување во контекст на вештачката интелигенција, нуклеарното и автономното оружје. Целта е да се утврдат принципи за управување со новите технологии, засновани на соработка, достоинство и мир.

Настанот опфаќа теми како ранливоста на човештвото во нуклеарната ера, улогата на технологијата и моралните предизвици на вештачката интелигенција. Првите два дена се одржуваат во Борго Laudato si’, а завршниот ден на Капитолинскиот рид во Рим.

Потребата од заеднички принципи

Кардинал Фабио Баџо истакна дека светот се наоѓа во период на геополитички тензии, технолошка конкуренција и фрагментација на меѓународниот поредок. Според него, брзиот развој на вештачката интелигенција дополнително ги усложнува овие предизвици.

„Светот има потреба од заеднички принципи што ќе го насочат технолошкиот напредок кон човечки цели“, рече Баџо, нагласувајќи ја важноста на дијалогот меѓу различни области.

Кардинал Силвано Томази додаде дека собранието покрај тоа што ги согледува и анализира ризиците, истовремено се прави и обид да се обнови надежта и да се покаже дека човештвото сè уште може одговорно да ја обликува својата иднина.

Управување со вештачката интелигенција

Воведната сесија беше посветена на енцикликата Magnifica Humanitas. Кардинал Анхел Фернандез Артиме даде преглед на документот, по што следуваа обраќања од истакнати учесници.

Хуан Мануел Сантос, добитник на Нобеловата награда за мир, го поддржа повикот за „разоружување“ на вештачката интелигенција и предупреди дека без јасно управување, технологијата може да стане закана наместо придобивка. Тој нагласи дека развојот мора да биде воден од достоинство, одговорност и владеење на правото.

Професор Мухамед Јунус истакна дека човештвото се наоѓа на пресвртница меѓу две цивилизации и ја нагласи улогата на младите во обликувањето на иднината.

Меѓу говорниците беа и претставници на меѓународни организации и научници, кои дискутираа за безбедноста и етиката на вештачката интелигенција, како и за ризиците од нејзино излегување од човечка контрола.

Во текот на денот се одржаа повеќе панели, на кои учесниците понудија различни перспективи за тоа како технологијата може да се развива одговорно, без да се загрозат мирот, човековото достоинство и општото добро.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот