По повод Светскиот ден на болните и празникот на Пресвета Богородица Лурдска, папата Лав XIV прими група болни пред Лурдската пештера во Ватиканските градини и ги потсети дека Пресветата Мајка нè учи за значењето на страдањето и љубовта.
„Ова е навистина прекрасен ден што нè потсетува на близината на Марија, нашата Мајка, која секогаш нè придружува и нè учи: што значи страдањето, што значи љубовта и што значи да го довериме својот живот во рацете на Господ.“
Ова го истакна папата Лав XIV по Генералната аудиенција, обраќајќи им се на група болни лица кои го очекуваа кај Лурдската пештера во Ватиканските градини. Средбата беше организирана по повод Светскиот ден на болните, кој се одбележува денес, 11 февруари, на литургискиот спомен на Пресвета Богородица Лурдска.
Папата им се заблагодари на присутните што вложиле напор да бидат таму, пред Пресветата Богородица, за овој молитвен момент.
Пред да го подели својот Апостолски благослов, папата Лав XIV се помоли Господ да ги благослови сите болни, денес и секогаш, како и сите лекари, медицински сестри и сите што ги придружуваат и им служат.
Ватикан њуз/к.мк

