Генерална аудиенција: Божјото Слово одговара на нашата жед за смисла и вистина

Генерална аудиенција: Божјото Слово одговара на нашата жед за смисла и вистина

За време нагенералната аудиенција, папата Лав XIV ја истакна тесната врска меѓу Божјото Слово и Црквата, како и тоа дека размислувањето над Светото Писмо им помага на верниците да влезат во разговор со Бога.

Божјото Слово допира до животот на секој верник, бидејќи нè става во дијалог со Господ и ја потхранува Црквата во нејзината мисија, рече папата Лав XIV во среда 11 февруари 2026 година, за време Генералната аудиенција во салата „Павле VI“ во Ватикан.

„Божјото Слово одговара на нашата жед за смисла, за вистината за нашиот живот“, истакна папата Лав.

„Живееме опкружени со толку многу зборови, а колку од нив се празни! Понекогаш“, призна тој, „слушаме и мудри зборови, кои сепак не ја допираат нашата крајна смисла.“

Папата ја продолжи својата серија катехези за документите на Вториот ватикански собор, повторно задржувајќи се на Догматската конституција за Божјото Откровение Dei Verbum од 1965 година. Во оваа катехеза тој размислуваше за „длабоката и животворна врска“ меѓу Божјото Слово и Црквата.

Тој објасни дека Вториот ватикански собор потсетува дека Црквата „секогаш ги почитувала божествените списи како што го почитува Телото Господово“ и дека „никогаш не престанува да размислува за вредноста“ на Божјото Слово.

Односот меѓу Светото Писмо, Христос и Црквата

Папата нагласи дека „длабоката причина“ за силата и вредноста на Светото Писмо е неговата непосредна поврзаност со Исус и дека оваа врска може да се доживее „живеејќи во Црквата“.

„Христос е живото Слово на Отецот, Божјото Слово што стана човек“, рече тој. Целото Писма „ја објавуваат Неговата личност и Неговото спасително присуство, за секого од нас и за целото човештво“.

Затоа, Светото Писмо има „свој вистински дом“ во Црквата, бидејќи „под вдахновение на Светиот Дух, Библијата произлезе од Божјиот народ и е наменета за Божјиот народ“.

„Во христијанската заедница“, подвлече папата, Светото Писмо „на некој начин има свое живеалиште“, и токму „во животот и верата на Црквата“ наоѓа простор „да го открие своето значење и да ја покаже својата сила“.

Во таа смисла, тој нагласи дека „Црквата со горлива желба сака Божјото Слово да стигне до секој нејзин член и да го нахрани неговиот пат на верата“.

Во исто време, Божјото Слово „ја поттикнува Црквата да излезе од себе“ и „ја отвора постојано кон мисијата за сите“.

Размислувањето над Писмото нè внесува во однос со Бога

Папата истакна дека во црковната заедница Светото Писмо „го наоѓа просторот во кој ја извршува својата посебна задача и ја остварува својата цел“, а таа цел е „да Го направи Христос познат“ и да нè воведе во дијалог со Господ.

Цитирајќи го свети Јероним, кој вели дека „непознавањето на Писмата е непознавање на Христос“, Папата објасни дека „крајната цел на читањето и размислувањето“ над Божјото Слово е „да го запознаеме Христос и преку Него да влеземе во однос со Бога“, однос што може да се разбере како разговор, како дијалог.

Папата потсети дека конституцијата Dei Verbum го претставува Откровението „како дијалог, во кој Бог им зборува на луѓето како на пријатели“. Додаде дека токму тоа се случува кога Библијата се чита „со внатрешен став на молитва“.

Светото Писмо како патоказ за пастирите и катехетите

Папата повтори дека Светото Писмо, „доверено на Црквата и зачувано и толкувано од неа“, има „делотворна улога“, бидејќи „ја поткрепува и ја оживува христијанската заедница“, на пример преку славењето на Светата Литургија и на Светите Тајни.

Во тој контекст, тој нагласи дека љубовта и блискоста со Светото Писмо се особено важни за „оние што ја извршуваат службата на Словото“, како што се епископите, свештениците, ѓаконите и катехетите.

„Трудот на егзегетите и на оние што се занимаваат со библиските науки е непроценлив, а Светото Писмо има централно место во теологијата, кое ја наоѓа својата основа и својата душа во Божјото Слово“, заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот