Папата ги прими на аудиенција дарителите на елката и Божиќната пештера што ќе биде откриена денес на плоштадот „Свети Петар“. Размислувајќи за овие симболи, тој се повика на дарот на мирот и се помоли за сите што страдаат од насилство, сеќавајќи се особено на убиените и ранетите во нападот на плажата Бонди за време на еврејскиот празник Ханука. Тој ѝ се заблагодари на Костарика за дарот на Божиќната пештера во салата Павле VI, украсена со 28.000 ленти во спомен на животите спасени од абортус.
Папата Лав XIV во понеделник, 15 декември 2025 година, во салата Павле VI, ги прими на аудиенција дарителите на елката и пештерата за Раѓањето Христово, која ќе биде свечено отворена на плоштадот Свети Петар. Размислувајќи за овие божиќни симболи, тој му се помоли на Бога да го обнови во нас дарот на мирот и братството, а се помоли и за оние кои страдаат поради војната и насилството. Тој особено се осврна на трагедијата што ја погоди еврејската заедница во Сиднеј, која тагува за 15-те убиени и околу триесет повредени лица во пукотницата што се случи синоќа на плажата Бонди за време на еврејскиот празник Ханука. Светиот Отец го повтори својот апел против сите форми на насилство мотивирани од антисемитизам, нагласувајќи:
Доста со овие форми на антисемитско насилство! Мора да ја отстраниме омразата од нашите срца.
Бог близок до човештвото
Истакнувајќи ја симболиката на Божиќната пештера што пристигна оваа година од италијанската епархија Ночера Инфериоре-Сарно, римскиот епископ рече дека прикажувањето на раѓањето на Исус ќе ги потсети ходочесниците кои ќе дојдат на плоштадот Свети Петар од целиот свет дека Бог станува близок до човештвото, станува еден од нас, влегувајќи во нашата историја во малото дете. Затоа додаде:
Во сиромаштијата на Витлеемската штала, ние размислуваме за тајната на понизноста и љубовта. Пред секоја Божиќна пештера, дури и оние направени во нашите домови, го доживуваме тој настан и ја откриваме потребата од моменти на тишина и молитва во нашите животи, со цел повторно да се откриеме себеси и да влеземе во заедништво со Бога.
Во тишина и обожавање
Тишината е еден од ставовите што Папата ги охрабрува во денешно време, честопати обележано со бучава. Како модел на оваа тишина на обожавање ја истакна Пресвета Дева Марија, која го чуваше во своето срце она што го виде и слушна, истакнувајќи дека нејзината тишина не е само знаење како да се молчи, туку тишина исполнета со восхит и обожавање.
Божиќната пештера од Костарика ги одбележува животите спасени од абортус
Петровиот наследник се осврна и на костариканската сцена од Божижната пештера насловена „Nacimiento Gaudium“ која ќе остане во салата Павле VI за време на божиќните празници. Украсена е со дваесет и осум илјади шарени ленти, секоја претставувајќи живот спасен од абортус благодарение на молитвите и поддршката што католичките организации им ја дадоа на многу мајки во тешкотии. Покрај божиќната порака за мир, таа апелира и за заштита на животот од самото зачнување, истакна Светиот Отец.
Дрвото е симбол на животот и светлината во темнината
Папата Лав XIV на крајот се осврна на елката, која беше подарок од италијанската епархија Болцано-Бресаноне:
Со своите зимзелени гранки, елката е знак на живот и потсетник на надежта што не бледее дури ни во студот на зимата. Светлата што ја красат го симболизираат Христос, светлината на светот, кој дојде да ја растера темнината на гревот и да го осветли нашиот пат.
Римскиот епископ го заврши својот говор со повик да дозволиме нежноста на Детето Исус да ги осветли нашите животи во пресрет на Божиќ и Божјата љубов да остане разгорена во нас.
Ватикан њуз/к.мк

