Во своето пладневно обраќање за празникот Безгрешно зачнување, папата Лав XIV нагласи дека Господ дава големи дарови, но човекот е слободен да ги прифати или отфрли. Марија нè охрабрува да веруваме како што таа верувала, великодушно прифаќајќи го посланието на кое нè повикува Бог.
Слободно кажаното „да“ е голем дар што Господ го дава, а Марија понизно го прифати благодарение на нејзиното целосно чисто срце. Токму за изговореното „да“ на Марија зборуваше папата Лав XIV во катехезата во понеделник, 8 декември 2025 година, на празникот Безгрешното зачнување. Како Дева во нејзиното зачнување, така и нам може да ни се случи чудо во Крштевањето – истакна Папата – затоа што сме „измиени од првородниот грев“ и стануваме Божји деца.
Она „Да“ на Мајката Господова е прекрасно, но и нашето може да биде прекрасно, обновено секој ден верно со благодарност, понизно и упорно, во молитва и во конкретни дела на љубов, од најнеобичните гестови до најобичните дневни обврски и служби, за Исус да биде познат, прифатен и сакан насекаде, и неговото спасение да допре до сите.
Нејзиното „да“ така станува конкретно, израз на Господовата љубов преку која секој може да дојде до Него – нагласи Светиот Отец.
Уште поголемо чудо
На денешниот празник, Папата го спомена апостолската конституција на Пиј IX од 8 декември 1854 година, Ineffabilis Deus, и ја изрази својата радост затоа што Небесниот Отец сакал Марија да биде – како што вели конституцијата – „целосно ослободена од дамката на првородниот грев“, потполно невина и света за да може да ѝ го довери својот Единороден Син за нашето спасение.
Господ ѝ ја дал на Марија извонредната благодат на потполно чисто срце, во очекување на уште поголемо чудо: доаѓањето на Христос Спасителот во светот, како човек.
Да се верува како Марија
Богородица кажа „Да“на ангелот понизно и пред сè слободно. Дарот на полната благодатта, во девојката од Назарет, можеше да вроди со плод затоа што таа, во својата слобода, го прифати Божјиот план. Господ – додаде Папата – секогаш делува на овој начин: ни дава големи дарови, но нè остава слободни да ги прифатиме или да не ги прифатиме.
Така, овој празник, кој нè радува поради беспрекорната убавина на Мајката Божја, нè охрабрува и да веруваме како што таа веруваше, давајќи ја нашата великодушна согласност за посланието на кое нè повикува Господ.
Крштевање
Чудото што ѝ се случи на Марија при нејзиното зачнување, нагласи Папата, се обновува за нас во Крштението: измиени од првородниот грев, стануваме деца Божји, негово живеалиште и храм на Неговиот Дух. Затоа, исто како што Марија можеше да го прими Исус, преку Крштението и ние живееме обединети со Христос за да соработуваме во Црквата, секој според својата состојба, во преобразбата на светот. Да го побараме ова денес од Отецот, преку застапништвото на Безгрешната, додека се молиме заедно со зборовите во кои таа прва поверува, заклучи Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк

