Во петок, 5 декември 2025 Македонски Каритас одбележа Јубилеј – 35 години од основањето, организација која три и пол децении со посветеност ја носи мисијата на помош, солидарност и човечност кон сиромашните, маргинализираните и сите на кои подадената рака им значи надеж. Едноставно, скромно и достоинствено 35 години хуманост, љубов и служба кон најранливите!
Свеченоста се одржа во Католичката катедрала „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.
Свои поздравни говори имаа Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, претседател на Македонски Каритас и Протопрезбитер д-р Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас.
Тие ја нагласија континуираната служба во љубовта кон човекот и посветеноста што Каритас ја гради со години во Македонија.
На настанат присуствуваа: Претседателката на Република Македонија проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи г-ѓа Оливера Трајковска, сопругите на поранешните претседатели на Македонија.
Присуствуваа амбасадори и дипломатски претставници од амбасадите на Австрија, Италија, Украина, Унгарија, Хрватска, Словенија, Катар и други. Градоначалници, директори на институции, долгогодишни соработници, донатори, компании и организации кои ја подржуваат мисијата на Каритас.
Во знак на благодарност за континуираната поддршка, претседателот на Македонски Каритас, монс. Киро Стојанов додели благодарници на поддржувачи, соработници и пријатели кои години наназад помагаат на хуманитарно поле.
Настанот заврши со заеднички коктел и пријатна дружба, во атмосфера исполнета со благодарност, поддршка и желба за продолжување на мисијата на добрината.
Каритас е благодарен на секој поддржувач и секој кој верува во силата на хуманоста.
Заедно продолжуваме да градиме надеж, солидарност и достојно утре за сите!

