Светиот Отец ѝ додели на Апостолската служба на морето (Opus Apostolatus Maris) официјален статус на канонско правно лице и ги одобри статутот на оваа организација.
„На 6 ноември 2025 година, Светиот Отец издаде хирограф со кој официјално ја воспостави Апостолската служба на морето, која обезбедува специфична пасторална грижа наменета за „луѓето на морето“, односно за морнарите, поморските работници и нивните семејства, како и за други лица чии животи се суштински поврзани со пловидба и риболов во морињата, реките и езерата. Оваа служба долго време е предмет на особена грижа од страна на Црквата“, се вели во текстот на хирографот на почетокот.
Пасторалната грижа за луѓето на морето претходно била регулирана со низа папски документи, како што се motu proprio „Iam pridem“ (1914), Апостолската конституција „Exsul Familia“ (1952), декретот за пасторална мисија на епископите во Црквата „Christus Dominus“ (1965), motu proprio „Pastoralis migratorum cura“ (1969) и motu proprio „Stella Maris“ (1997).
Папата Фрањо одлучи управувањето со пасторалната грижа за луѓето на море да се префрли на Дикастериијата за промоција на интегралниот човечки развој, чија надлежност е поврзана со пасторалната грижа за мигрантите и патниците (сп. чл. 166 § 1, Praedicate Evangelium).
Новиот хирограф на Лав XIV официјално ѝ доделува на Апостолската служба на морето статус на „јавно канонско правно лице“, истовремено одобрувајќи го статутот на оваа организација. Во согласност со член 166 став 1 од Апостолската конституција Praedicate Evangelium, институцијата ќе биде подредена на Одделот за промоција на интегралниот човечки развој. Нејзината активност ќе биде водена од горенаведените статути, законите на државата Ватикан и motu proprio за правни лица на Римската курија од 5 декември 2022 година. Сите одредби од motu proprio Stella Maris од 31 јануари 1997 година остануваат во сила.
Документот ќе стапи на сила веднаш по објавувањето во ватиканскиот весник „L’Osservatore Romano“ и ќе биде вклучен во официјалните акти на Светиот Престол (Acta Apostoli).
Во контекст на новиот папски документ, префектот на Дикастеријата за промоција на интегрален човечки развој испрати порака по повод Светскиот ден на рибарството 2025 година. Текстот, на англиски јазик, потсетува дека од 1998 година, Светскиот ден на рибарството се слави на 21 ноември „за да се привлече вниманието за начинот на живот на рибарите, да се промовира одржлив риболов и да се оддаде почит на рибарските заедници низ целиот свет, нагласувајќи ја важноста на оваа активност за човечкиот живот и за здравјето на екосистемите“.
„Во 2025 година, покрај Јубилејот, ја славиме и десетгодишнината од енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо, која посветува големо внимание на грижата за морињата и океаните, сметајќи ги за дел од „заедничкиот дом“ и глобалната еколошка рамнотежа. Морињата не се само физичка реалност, туку и духовен простор на меѓузависност помеѓу човекот и созданието. Рибарите можат да бидат вистински чувари на Создаденото“, пишува кардиналот Мајкл Черни.
Ватикан њуз/к.мк

