Папата до новинарите: Помогнете ми да зборувам за Синодата без слогани

Папата до новинарите: Помогнете ми да зборувам за Синодата без слогани

Погледнете ја реалноста на фактите, не дозволувајте говорот на омраза да влијае на вас. Ова се дел од приоритетите кон кои папата Фрањо го насочи светот на информациите за време на средбата, одржана во Ватикан, со делегацијата на наградата „Тоа е новинарство“, основана во 1995 година и доделена на Папата. Светиот Отец исто така побара помош од новинарите за Синодата посветена на синодалноста да не се зборува со однапред подготвени приказни, туку тој процес да се прикаже навистина каков што е.

Обично ги одбивав понудите за награди, уште пред да станам Римски бискуп – ова го истакна папата Фрањо кога во сабота на 26 август 2023 година, во Ватикан се сретна со делегацијата на наградата „Тоа е новинарство“, која е составена од угледни италијански претставници на светот на информациите. Папата во својот говор објасни дека прифатил да го добие ова признание поради една причина: поради итната потреба за конструктивна комуникација која поддржува култура на средба, а не конфликт; култура на мир, не војна; култура на отвореност кон другиот, а не на предрасуди“.

Папата побара помош од новинарите

На оваа итна потреба, Светиот Отец додаде и молба за помош од новинарите, потсетувајќи дека за нешто повеќе од еден месец бискупи и мирјани од целиот свет ќе се соберат во Рим на Синодата за синодалност. Синодата – потсети папата Фрањо – е патување започнато од папата Павле VI. и донесува големи плодови. Освен тоа е нешто што Црквата денес му го нуди на светот кој често не е во состојба да донесува одлуки, дури и кога станува збор за нашиот опстанок.

Се обидуваме да научиме нов начин како да ги живееме односите, слушајќи се едни со други за да го слушаме и следиме гласот на Духот. Ги отворивме вратите, на сите им понудивме можност да учествуваат, ги почитувавме сечии потреби и предлози. Сакаме заедно да придонесеме за изградба на Црква во која сите се чувствуваат како дома, каде никој не е исклучен. Тој збор од евангелието е многу важен: Сите. Сите, сите; нема католици од прв, втор и трет ред; Не. Сите заедно. Сите. Ова е Господовиот повик… Затоа се осмелувам да ве замолам, мајстори на новинарството, за помош: помогнете тој процес да се прикаже таков каков што навистина е, бегајќи од логиката на слоганите и однапред подготвените приказни.

На реалноста да се гледа со факти

Пред тоа барање за помош, Папата на присутните им довери и една надеж; дека во време кога изгледа дека сите коментираат за сè, дури и без оглед на фактите, а често и пред да се информираат, повторно ќе откријат и сè повеќе ќе се враќаат на негувањето на принципите на реалноста . Реалноста – додаде тој – секогаш е супериорна од идејата. Неопходно е да се набљудува динамиката на фактите кои – според Папата – никогаш не се неподвижни; тие секогаш се развиваат кон добро или зло. Затоа, треба да ја набљудуваме реалноста со факти за да не ризикуваме општеството на информации да се претвори во општество на дезинформации. Неопходно е да се шири културата на средба, дијалог, слушање на другите и нивните причини.

Папата Фрањо предупреди на гревовите на новинарството

Дезинформацијата е еден од четирите гревови на новинарството, а тие се: дезинформации, кога новинарството не информира или информира лошо; клевета – често се користи; оцрнување, која се разликува од клеветата, но уништува; и четвртиот е копрофилијата, односно љубовта кон скандалот, кон нечистотијата. Скандалот ја зголемува продажбата. Дезинформациите се први меѓу гревовите, меѓу грешките на новинарството.

Не препуштајте се на говорот на омраза

Папата потоа истакна дека дигиталната култура донесе многу нови можности за размена, но е придружена и со опасност од претворање на комуникацијата во пароли. Потсетувајќи дека комуникацијата е дијалог заснован на слушање, Папата истакна дека е загрижен за манипулациите, како оние кои себично пропагираат лажни вести за да го насочат јавното мислење.

Ве молам, да не попуштиме пред логиката на спортивставување, да не се препуштиме на влијанието на говорот на омраза. Во драматичниот момент што го доживува Европа, кога војната во Украина продолжува, повикани сме на одговорност. Се надевам дека ќе им се даде простор на гласовите за мир, на оние кои се спротивставуваат да го прекинат овој, како и многу други конфликти, на оние кои не се предаваат на „каинистичката“ логика на војната, но сепак веруваат, и покрај се, во логиката на мирот, логиката на дијалогот, логиката на дипломатијата.

Образложение за доделување на наградата на Папата

Доделувањето на наградата „Тоа е новинарство“ на Папата – се вели во соопштението за печатот објавено од промоторите на иницијативата – е одлука која совршено се вклопува со она што Индро Монтанели, Енцо Бјаги, Џорџо Бока и Џанкарло Анери си го поставија кога ја основаа наградата, уште во 1995 година, односно да му помогне на новинарството да биде посвесно за својата улога на слободно изразување и придонес во изградбата на правдата преку служење на вистината. Папата Фрањо со својата порака покажува храброст за употреба на дијалогот за да се изговорат зборови на мир. Одлуката да му се додели на Папата наградата „Тоа е новинарство“ е важен знак за светот на информациите, посебно за помладата генерација новинари – се наведува на крајот од соопштението.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот