Лав XIV: Мораме да го препознаеме деструктивниот потенцијал на технологијата и да го ставиме човечкото достоинство како приоритет
Во порака до учесниците на Меѓународниот конгрес насловен како „Вештачка интелигенција и медицина: Предизвик за човечкото достоинство“, организиран од Папската академија за живот, папата Лав XIV предупредува на опасностите од технолошкиот напредок кои длабоко влијаат на нашиот начин на размислување, менувајќи го нашето разбирање на ситуациите и начинот на кој се перцепираме себеси и другите. Во грижата за луѓето, човечките односи се неопходни.
Ако технолошкиот развој донел и продолжува да носи значајни придобивки за човештвото, особено во областа на медицината и здравството, за вистински напредок е потребно човечкото достоинство и општото добро да останат апсолутни приоритети, како за поединците, така и за јавните институции. На ова предупредува папата Лав XIV во својата порака до учесниците на Меѓународниот конгрес насловен како „Вештачка интелигенција и медицина: Предизвик за човечкото достоинство“, организиран од Папската академија за живот, кој се одржува од 10 до 12 ноември во Рим. Во пораката што ја прочита во понеделник, 10 ноември 2025 година, монсињор Ренцо Пегораро, претседател на Папската академија за живот, Светиот Отец размислува за деструктивниот потенцијал на технологијата и медицинските истражувања кога се ставаат во служба на идеологиите насочени против човекот и нè повикува да ги земеме настаните од минатото како предупредување. Алатките што ни се на располагање денес се уште помоќни и можат да имаат уште поразорно влијание врз животите на поединците и народите – пишува Папата во документот, истакнувајќи ги и позитивните аспекти на употребата на технологијата кога е во служба на човечката личност.
Ставете ја личноста во центарот
Мораме да размислуваме за дигиталната револуција што води кон она што папата Фрањо го нарече епохална промена – апелира Римскиот епископ, признавајќи дека новите технолошки достигнувања се сè пораспространети и дека во одредени аспекти можат да се споредат со индустриската револуција. Тие длабоко влијаат на нашиот начин на размислување, менувајќи го нашето разбирање на ситуациите и начинот на кој се перцепираме себеси и другите – забележува Папата, додавајќи дека денес соработуваме со машините како да се соговорници, речиси станувајќи нивна продолжена рака. Сепак, постои опасност на овој начин да ги изгубиме од вид лицата на луѓето и да заборавиме како да препознаеме и цениме сè што е навистина човечко.
Чувари и служители на човечкиот живот
Петровиот наследник ја истакна големата важност на посветеноста на учесниците на Меѓународниот конгрес на Папската академија за живот за истражување на потенцијалот на вештачката интелигенција во медицината, бидејќи кршливоста на човечката состојба често се манифестира токму во оваа област, но не смееме да го заборавиме достоинството на секој човек кој е посакуван, создаден и сакан од Бога. Поради оваа причина, документот Antiqua et nova за односот помеѓу вештачката и човечката интелигенција, кој е резултат на заедничко размислување на Дикастеријата за наука на верата и Дикастеријата за култура и образование, нагласува дека здравствените работници имаат повик и одговорност да бидат чувари и служители на човечкиот живот. Истото може да се каже и за оние кои се одговорни за употребата на вештачката интелигенција во оваа област – забележува Светиот Отец.
Вештачката интелигенција мора да ги подобри меѓучовечките односи
Во грижата за луѓето, човечките односи се неопходни – нагласува и папата Лав XIV, кој верува дека медицинскиот професионализам бара не само потребни професионални компетенции, туку и способност за комуникација и блискост со другите. Затоа, технолошките уреди никогаш не смеат да го намалат личниот однос меѓу пациентите и здравствените работници; напротив, вештачката интелигенција треба навистина да ги подобри и меѓучовечките односи и грижата што се обезбедува, за да може навистина да служи на човечкото достоинство и ефикасната здравствена заштита.
На крајот, соочен со големите економски интереси кои често се присутни во областа на медицината и технологијата и борбата за нивна контрола, Римскиот епископ повикува на промовирање на широка соработка, исто така и на меѓународно ниво, меѓу сите оние кои работат во здравствениот сектор и во политиката.
Ватикан њуз/к.мк

