По повод Јубилејната година 2025, во среда 22 октомври 2025 година, група верници се упатија на ходочестие во Рим во организација на парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ од Струмица и Деканатот Свети Кирил и Методиј, а со благослов на Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, кој воедно и ќе го предводи.
Во своето пастирско послание до ходочесниците епископот изразува голема радост по повод ова ходочестие и периодот кој, заедно со нив ќе го помине во Рим, во срцето на Црквата и градот каде што своите животи, маченички ги положија врховните апостолите Петар и Павле.
Понатаму потсетува дека христијаните се народ на пат, народ што бара и оди кон вечната татковина. Како Авраам, кој по повикот Божји тргнал без да знае каде оди, така и верниците кога се на ходочестие тргнуваат во потрага по живиот Бог, излегувајќи од својата секојдневност и навики. Ходочестието, вели епископот, е слика на човечкиот животен пат, пат низ пустината на секојдневието, во потрага по градот „чии творец и градител е Бог“. Господ, додава тој, не ги остава своите чеда, туку оди пред нив, како облак и огнен столб што ги води кон полнотата на верата и надежта.
Верниците, предводени од епископот Киро Стојанов, ќе се помолат на гробовите на светите апостоли Петар и Павле, но и на апостолот на словенските народи свети Кирил Солунски, при што ќе се потсетат на темелите на Црквата, верата и верноста кон апостолското наследство.
Ходочестието, нагласува епископот Стојанов е пат на срцето, време кога човек се ослободува од товарот на гревот и го слуша Божјиот повик: „Обрнете се кон Мене и јас ќе се обрнам кон вас.“ Секој чекор, секоја молитва во базиликите е можност за внатрешна обнова и за одлука за нов живот во Христос.
Тој посакува по ова ходочестие да се обнови верата во Христа и да се сведочи за неговата неизмерна љубов во семејствата, парохиите, на работните места и во секојдневниот живот, повикувајќи ова време да се искористи за нов почеток.
Епископот Стојанов го доверува јубилејното ходочастие во Рим под застапништвото на Пресветата Богородица, Мајка на надежта, „која и самата беше ходочесничка на верата, од Назарет до Голгота“ – стои на крајот од пастирското послание на епископот Стојанов.
Ходочесниците ќе ги посетат и ќе поминат низ Светите врати на четирите Папски базилики во Рим: Свети Петар во Ватикан, Свети Павле надвор од ѕидините, Свети Иван Латерански и Света Марија Велика, во некои од нив ќе имаат и света Литургија, како и молебен на гробот на свети Кирил Солунски во базиликата Сан Клементе.
к.мк