Во својата порака до учесниците на 8. Конгрес во Астана, Казахстан, што се одржува од 17 до 18 септември, папата Лав XIV потсетува дека кога водачите на различни религии работат заедно за да ги одбранат најранливите, нашиот заеднички дом и достоинството на сите луѓе, тие сведочат за вистината дека верата обединува повеќе отколку што разделува.
Да се стремиме неуморно кон хармонија, создавајќи синергија за мир, разоружан и разоружувачки, скромни и упорни, секогаш подготвени да љубиме и блиски до оние што страдаат. Да се молиме заедно, да служиме рамо до рамо и да зборуваме со еден глас секаде каде што е загрозено човечкото достоинство. Со овие зборови, папата Лав XIV им се обрати на водачите на светските и традиционалните религии кои се собраа во среда 17 септември 2025 година, во Астана, Казахстан, на 8. Конгрес. Тој нагласи:
Кога религиозните водачи стојат заедно во одбрана на најранливите, садат дрвја во грижа за нашиот заеднички дом или креваат еден глас во поддршка на човечкото достоинство, тие сведочат за вистината дека верата обединува повеќе отколку што разделува.
Религијата е извор на исцелување и помирување
Светиот Отец се осврна на темата на Конгресот, насловена „Дијалог меѓу религиите: Синергија за иднината“, и нагласи дека синергијата станува силен знак на надеж за целото човештво, откривајќи дека религијата, во својата суштина, е извор на исцелување и помирување. Ова е виталната улога на меѓурелигискиот дијалог во време обележано со насилни конфликти. Поради тоа, учесниците на Конгресот се собраа за да ги обноват пријателствата и да создадат нови, обединети од заедничката желба да донесат исцелување во нашиот ранет и разединет свет – истакна Римскиот епископ.
Хармонија меѓу нас како членови на едно човечко семејство
Наследникот на Петар објасни дека синергијата значи соработка едни со други и со Бога, и дека секој автентичен религиозен импулс води кон дијалог и соработка, како и кон свест за меѓузависноста што ги поврзува поединците и народите. Тој истакна:
Од оваа перспектива, дејствувањето во хармонија е повеќе од прагматичен избор, тоа е одраз на подлабокиот ред на реалноста. Тоа е во согласност со самата структура на нашето заедничко постоење, како членови на едно човечко семејство.
Солидарноста е синергија во акција
Светиот Отец нагласи дека оваа свест создава во нашата совест длабоко чувство на солидарност, односно убедување дека сме одговорни едни за други, како што напиша свети Иван Павле II во енцикликата Sollicitudo Rei Socialis од 1987 година. Солидарноста е синергија во акција: жив израз на љубовта кон ближниот и кон себеси, на глобално ниво.
Разновидноста како извор на меѓусебно збогатување
Оваа соработка меѓу религиите, продолжи Папата во својата порака, е повик за прифаќање на различноста како извор на меѓусебно збогатување. Католичката црква, од концилската декларација Nostra Aetate, го признава и го цени сè што е вистинито и свето во другите религии. Тој додаде:
Се стреми да промовира автентична синергија, истакнувајќи ги во средбата посебните дарови на секоја традиција, каде што секоја вера придонесува со својата мудрост и сочувство во служба на општото добро.
Асизи, Абу Даби и Астана
Папата Лав XIV ја заврши својата порака потсетувајќи дека оваа синергија за иднината веќе вроди со плод. Историскиот молитвен состанок на верските водачи во Асизи, свикан во 1986 година од папата Иван Павле II, покажа дека нема мир меѓу народите без мир меѓу религиите. Потоа, Документот за човечко братство за светски мир и заедничко живеење, потпишан во Абу Даби во 2019 година од папата Фрањо и големиот имам на Ал-Азхар, Ахмад Ал-Тајеб, покажа јасен пат за тоа како религиозната синергија може да го промовира глобалниот мир и коегзистенција. На завршниот состанок на Конгресот во Астана во 2022 година, водачите на различни религии, вклучувајќи го и папата Фрањо, се обединија за да го осудат насилството и екстремизмот, да ги бранат бегалците и да ги повикаат сите одговорни да работат заедно за мир.
Затоа Светиот Отец нагласи: Овие заложби на високо ниво се одразуваат во конкретни акции. Кога ќе се случат природни катастрофи, кога бегалците се принудени да бегаат или кога семејствата страдаат од екстремна сиромаштија и глад, верските заедници честопати се здружуваат за да работат заедно и да им обезбедат помош и надеж на оние на кои им е најпотребна.
Плод за доброто на сите народи
„Иднината за која сонуваме, исполнета со мир, братство и солидарност, бара посветеност на сите раце и сите срца. Нека Семоќниот Бог ги благослови нашите напори и нека донесе изобилни плодови за доброто на сите народи“, заклучи папата Лав XIV во својата порака.
Ватикан њуз/к.мк