Ангел Господов: Бог нè спаси прегрнувајќи го Крстот и се откри како наш Учител и пријател

Ангел Господов: Бог нè спаси прегрнувајќи го Крстот и се откри како наш Учител и пријател

Во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов, во недела 14 септември 2025 година. Папата се осврна на значењето на празникот Воздвижение на Светиот Крст, нагласувајќи дека Исус стана наш сопатник и лекар за да нè откупи, и стана Леб што се крши за нас во Евхаристијата. Тој истакна дека Неговата љубов е поголема од самите наши гревови. Плоштадот „Свети Петар“ беше преполн со верници кои му ги изразија своите најдобри желби на Светиот Отец по повод неговиот 70-ти роденден.

За да го откупи човештвото, Бог стана човек и умре на Крстот.

Со овие зборови, папата Лав XIV го објасни значењето на празникот Воздвижение на Светиот Крст во пладневниот говор пред молитвата Ангел Господов.

Разговорот на Исус со Никодим

На овој ден, според традицијата, света Елена го пронашла дрвото на Крстот во Ерусалим во IV век, а празникот го одбележува и враќањето на реликвиите од Крстот во Светиот Град по барање на царот Ираклиј. Светиот Отец се осврна и на литургиското Евангелие, каде што протагонист е Никодим, еден од јудејските старешини, праведен и отворен човек, кој го сретна Исус во ноќта и копнееше по светлина и водство. Тој го бараше Бога и се обрати кај Учителот од Назарет затоа што во Него препозна пророк. Господ го прими, го слушаше и му откри дека Синот Човечки мора да биде воздигнат за секој што верува во Него да има вечен живот – нагласи Римскиот епископ.

Христос нè спаси преку Крстот

Зборувајќи со Никодим, Исус се потсети на старозаветниот настан за Израилците во пустината, кои беа каснувани од отровни змии и беа излекувани кога ќе ја погледнеа бронзената змија што Мојсеј, послушен на Божјата заповед, ја направи и ја постави на столб. Потоа рече дека Бог толку го возљуби светот што го даде Својот Единороден Син, за секој што верува во Него да има вечен живот – истакна Папата и додаде:

Бог нè спаси откривајќи ни се Самиот Себеси, дарувајќи ни се Себеси како сопатник, Учител, лекар, пријател, па дури и станувајќи за нас Леб што се крши во Евхаристијата. За да го изврши ова дело на спасение, Тој употреби едно од најсуровите средства за смрт измислени од човекот – Крстот.

Божјата љубов е поголема од гревовите на луѓето

Прославувањето на Воздвижението на Крстот е сеќавање на огромната љубов со која Бог го прегрна Крстот за нашето спасение, преобразувајќи го од орудие на смртта во орудие на животот. Тој нè поучува дека ништо не може да нè одвои од Него и дека Неговата љубов е поголема од самите наши гревови.

Затоа, на крајот, папата Лав XIV повика на молитва преку Пресвета Богородица, за спасоносната љубов Христова да се зацврсти и расте во нас, за да умееме да се даруваме еден на друг, како што Тој се дарува целосно за сите нас.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот