Се проценува дека околу еден милион млади луѓе се собраа во предградието на Рим на молитвеното бдение по повод Јубилејот на младите. Тројца од нив му поставија прашања на Папата: за пријателството, животните избори и средбата со Исус.
Околу еден милион млади ходочесници се собраа во Тор Вергата, на периферијата на Рим, за Јубилејот на младите во саботата навечер, 2 август 2025 година.
Во приквечерието, папата Лав го предводеше молитвеното бдение, проследено со пеење, читање од Светото Писмо и евхаристиско обожавање.
Централниот дел од настанот беше делот со прашања и одговори, при што Папата одговори на три прашања поставени од млади ходочесници на шпански, италијански и англиски јазик.
Пријателство, животни избори и средба со Исус
Првото прашање го постави Дулсе Марија, 23-годишна девојка од Мексико. Со оглед на „минливата и често илузорна“ природа на онлајн врските, таа праша: како можеме „да најдеме вистинско пријателство и искрена љубов што водат кон вистинска надеж“?
Во својот одговор, Папата нагласи дека, иако социјалните медиуми нудат „извонредна можност“ за дијалог, тие можат „да се користат за да нè успијат, правејќи нè зависни од конзумеризмот“. Тој подвлече дека пријателствата можат да бидат вистински трајни само ако се засновани врз Бог. Цитирајќи го Свети Августин, рече: „Оној кој го сака Бог во својот пријател, тој навистина го сака својот пријател.“
Второто прашање го постави 19-годишната Гаја од Италија. Таа зборуваше за „климата на неизвесност“ која „парализира“ многу млади луѓе и ги спречува да донесат важни одлуки во животот.
Во својот одговор, папата Лав истакна дека овие избори не се „прашање на избор на нешто, туку на избор на некого“. Кога избираме, рече тој, ние одлучуваме „кои сакаме да бидеме“.
Последното прашање беше поставено на англиски јазик од Вил, 20-годишно момче од САД. Тој праша: како можеме „вистински да го сретнеме“ Исус и да бидеме сигурни во неговото присуство „дури и во време на искушенија и неизвесности?“
Во својот одговор, папата Лав ги повика младите ходочеснии да „размислат за својот начин на живот“, да „бараат правда“, да „служат на сиромашните“ и да „го обожаваат Христос во Пресветата Тајна“.
Молитви за Марија и Паскале
Во своите одговори на прашањата на ходочесниците, папата Лав ги спомена и двете млади жени – 20-годишната Марија од Шпанија и 18-годишната Паскале од Египет – кои починаа додека учествуваа на настаните за Јубилејот на млади во последните денови.
„Да се помолиме заедно за нив, ходочесници на надежта“, рече Папата. „Да се помолиме за нивните семејства, нивните пријатели и нивните заедници. Нека Воскреснатиот Исус ги прими во мирот и радоста на своето Царство.“
Бдението заврши со приближно еден час евхаристиско обожавање, проследено со пеење и молитви на француски, англиски, шпански, италијански, португалски, германски, полски и латински јазик.
Ватикан њуз/к.мк