Од 10:30 до 18:00 часот, Циркус Максимус – древната римска арена – ќе биде исповедалница за младите кои сакаат да ја примат Светата Тајна на Помирување како дел од прославите на Светата Година. По тој повод, Фондацијата „Youcat“ ќе дистрибуира 10.000 примероци од текст посветен на оваа тема.
За стотиците илјади млади ходочесници кои пристигнаа во Рим за својот Јубилеј, петок, 1 август, е ден посветен на Светата Тајна на Помирување, во пресрет на средбата со Светиот Отец папата Лав XIV во сабота и недела на Тор Вергата. Од 10:30 до 18:00 часот, на располагање ќе бидат 200 исповедалници, со свештеници подготвени да го поделат дарот на простувањето.
Исповедалници на различни јазици
Ходочесниците кои говорат италијански, шпански, англиски, француски, португалски и полски ќе имаат можност да се исповедаат на својот мајчин јазик во текот на целиот ден. Исповедалниците за германски, унгарски, словачки, корејски и кинески јазик ќе бидат достапни во определени термини.
Youcat ќе дистрибуира брошура за исповед
Во текот на „Денот на покајанието“, дваесет волонтери од Фондацијата „Youcat“ ќе дистрибуираат 10.000 примероци од нивната брошура за исповед. Ова посебно издание, подготвено за Јубилејот на младите, е достапно на четири јазици: италијански, англиски, француски и германски.
Првично објавена во 2014 година и подготвена во ново издание по повод оваа година на милост, книгата нуди пристапен вовед во Светата Тајна на Помирување. Во неа се вклучени испит на совеста, објаснувања за значењето на исповедта и пригодни молитви.
Ватикан њуз/к.мк