Папата: Животот шири светлина ако се троши

Папата: Животот шири светлина ако се троши

На светата Литургија во базиликата Свети Петар која ја служеше за кардиналите и епископите кои починале во текот на годината, папата Фрањо ја истакна важноста на подготовката за конечната средба со Исус.

Смисла на животот е да „излезеш“ и „одиш“ во пресрет на младоженецот, како десетте девојки од параболата во Евангелието според Матеј (25,1). Младоженецот, Исус кој ја љуби Црквата и се даде за неа самиот себе – рече папата Фрањо спомнувајќи ги 9 кардинали и 154 епископи кои починале во оваа година, на светата Литургија Задушница која ја служеше во базиликата Свети Петар, на 3 ноември 2018 година.

Значењето на „заминувањето“

Тоа е излегување на кое сите сме повикани: од мајчината утроба, од домот во кој сме родени, од детството во младоста, и од младоста во зрелоста, до заминувањето од овој свет. Ете за тоа треба да се живее: за средбата со Исус, со Младоженецот, кој ја љуби Црквата и се даде за неа самиот себе – истакна Папата.

Подготовката за свадба со Исус

Затоа животот е секојдневна борба за свадбата, за последната средба со Исус – додаде Светиот Отец. Тој е завршетокот кој го осветлува она што му претходело. Како што семето се распознава по жетвата, така животниот пат се гради започнувајќи од целта. Последната цел е очекувањето на Младоженецот, нишка која го поврзува целиот сплет на служби, зад сите средби, активности кои треба да се организираат и сѐ што треба да се направи.

Во центарот не може да биде друго освен срце кое го љуби Господ. Само таквото видливо тело на нашето служење ќе биде поддржано од невидливиот дух – рече Папата и истакна: Она важното е невидливо за окото и во животот за Божјиот служител најважното е да го слуша гласот на Младоженецот кој нѐ повикува секој ден да го разбереме Господ кој доаѓа да ја преобрази секоја активност во подготовка за свадбата со Него.

НЕ на „културата на шминка“

За девицата пак како што потсетува Евангелието не е важен фустанот, а ниту светилниците, туку елејот кој се чува во мали садови, кој не е забележителен, останува сокриен, но без него нема светлина. Пред Господ не е важна надворешноста, важно е срцето – рече Светиот Отец и истакна: Она што светот го бара и со кое се фали – а тоа се почестите, моќта, изгледот, славата – сето тоа поминува не оставајќи ништо зад себе. Затоа за да се подготвиме за небото, многу е потребно да се оградиме од световната надворешност. Потребно е да кажеме НЕ на „културата на шминката“, која нѐ учи како да се грижиме за изгледот. Напротив треба да го прочистиме и чуваме срцето, човечката внатрешност, скапоцена во Божјите очи; а не надворешноста која исчезнува.

Служителот живее за да служи

Елејот постои и за да се потроши. Само ако изгори осветлува. Таков е и животот – рече папата Фрањо и објасни – шири светлина само ако се потроши, ако се троши во служењето. Тајната на животот е да се живее за да се служи. Служењето е влезницата која треба да се покаже на влезот во вечната свадба. Она што од животот останува пред прагот на вечноста не е она што сме го заработиле, туку колку сме дале. Служењето има своја цена, затоа што тоа значи да се трошиш, да се потрошиш. (…) Кој премногу го чува својот живот, го губи – рече Папата.

Вложување во љубовта

Третата карактеристика на елејот е подготовката, затоа што љубовта е спонтана, но не може да се импровизира. Големо е искушението за прилагодување на животот без љубовта, кој е како празен сад, како згаснат светилник. Ако не се вложува во љубовта, животот се гаси – истакна Папата. Повиканите на свадбата со Бог не можат да се помират со седечки начин на живот, со површен хоризонтален живот кој се живее без воодушевување, барајќи мали задоволства и стремејќи се за минливи признанија. Животот што е задоволен само со своите должности, без да се дава за другите не е достоен за Младоженецот.

Примерот на сведоците

Во молитвата за покојните кардинали и епископи, папата Фрањо повика застапништво за оние кои живееле не сакајќи да се покажат, кои служиле со срцето, кои од ден на ден се подготвувале за средбата со Господ. Тие се сведоци кои, му благодариме на Бог ги има и тоа многу – рече Папата – а чиј пример нѐ учи да не се задоволуваме со краткиот поглед на денешницата. Напротив да се стремиме за поглед кој оди понатаму, до свадбата која нѐ очекува. Животот кој поминува со желбата за Бог, и кој е извежбан во љубовта, ќе биде подготвен засекогаш да влезе во домот на Младоженецот – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот