Папата: Да молиме за мир и за сите што страдаат поради војни и насилство

Папата: Да молиме за мир и за сите што страдаат поради војни и насилство

На крајот од молитвата Ангел Господов во Кастел Гандолфо, папата Лав XIV ги повика верниците да не заборават да се молат за сите оние кои страдаат и се во потреба поради воени конфликти. Потсети на беатификацијата на монахот Марист Ликарион Мај во Барселона, убиен од омраза кон верата на почетокот на XX век, и изрази благодарност на сите аниматори и воспитувачи кои во текот на летото се грижат за децата и младите. На сите присутни им изрази благодарност за срдечното добредојде.

На крајот од молитвата Ангел Господов, која ја предводеше во недела 13 јули 2025 година, во Кастел Гандолфо, папата Лав XIV повторно ги повика сите да се молат за народите погодени од војна:

„Браќа и сестри, да не заборавиме да се молиме за мирот и за сите оние кои, поради насилството и војната, живеат во страдање и немоќ.“

Во почетокот на своето обраќање пред собраните верници, Светиот Отец ја изрази својата радост што се наоѓа во Кастел Гандолфо и упати благодарност за гостољубивоста која ја доживеал.

Сведоштвото на новиот блаженик Ликарион Мај

Светиот Отец потсети на беатификацијата на Ликарион Мај во Барселона – монах од Друштвото на маријанските браќа (маристи), кој бил убиен од омраза кон верата во непријателски околности за време на народниот бунт во 1909 година.

„Тој со преданост и храброст ја живеел својата мисија меѓу најсиромашните,“ – истакна Папата, повикувајќи неговото сведоштво да биде поттик и охрабрување, особено за сите кои се посветени на воспитно-образовната мисија.

Благодарност до аниматорите и воспитувачите на најмладите

Во тој контекст, Папата изрази благодарност и до сите аниматори и воспитувачи кои летните месеци ги посветуваат на грижата за децата и младите. Особено ја истакна иницијативата што ја претставува Giffoni Film Festival, меѓународен филмски настан кој секоја година собира деца и млади од целиот свет. Годинешното издание, посветено на темата „Да бидеш човек“, започнува на 17 јули.

Аплауз за карабињерите што ѝ служат на татковината и општеството

На крајот, Папата се обрати и на повеќе групи присутни на молитвата, а посебно ги поздрави учесниците на обуката за карабињери од училиштето во Велетри, кое го носи името на чесниот Божји слуга Салво Д’Акуисто.

„Ве охрабрувам да продолжите по патот на служење на татковината и граѓанското општество,“ рече Папата, повикувајќи ги присутните на силен аплауз во чест на нивната служба.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот