Марија Воче се врати во домот на Отецот

Марија Воче се врати во домот на Отецот

Марија Воче, првата претседателка на Движењето на фоколарите (Мариино Дело) по нејзината основачка Кјара Лубик, почина на 20 јуни на 87-годишна возраст, во својот дом во Рока ди Папа (Италија), опкружена со љубовта и молитвите на многумина.

Нејзината смрт, на сите членови на Движењето ширум светот, им ја соопшти сегашната претседателка, Маргарет Карам.

Во пораката, таа ја изрази својата длабока болка за нејзиното заминување и нејзината братска и синовска врска со Марија Воче: „Како прва претседателка на Движењето на фоколарите по нашата основачка, таа знаеше како да го води Движењето со мудрост, далековидност и со потребна решителност низ бараниот премин од основачката до пост основачката фаза. Таа успеа да ја спои својата прекрасна верност кон Харизмата на единството со храбро соочување со многуте предизвици на едно светско движење како нашето, кое делува на бројни нивоа од човечкиот, општествениот и институционалниот живот.“

Биографија

Марија Воче е родена во Ајело Калабру (Козенца – Италија) на 16 јули 1937 година, како најстара од седумте деца. Нејзиниот татко бил лекар, а мајка ѝ домаќинка. Во последната година од студиите по право во Рим (1959 година), таа се запознала со група млади фоколарини на факултетот и почнала да ја следи нивната духовност. По завршувањето на студиите, таа започнала со правна пракса во својот роден град, станувајќи првата жена правник во судницата во Козенца. Подоцна ги завршила студиите по теологија и канонско право.

Во 1963 година, таа го почувствува Божјиот повик да го следи патот на Кјара Лубик, на што веднаш одговори. Во Движењето на фоколарите, Марија Воче е позната под името „Емаус“, кое упатува на познатата приказна за двајцата ученици на патот кон Емаус со Исус, по Неговото воскресение. Таа самата раскажува како Кјара ѝ го дала ова име: „Кјара ја потврди внатрешната интуиција што веќе силно ја чувствував во себе: дека мојот живот треба да биде таков што оние што ќе ме сретнат ќе го доживеат искуството на Исус помеѓу нас.“ Оттогаш, нејзиното животно послание беше да гради мостови на единство, сè додека не ја заслужи Божјата присутност помеѓу луѓето.

Од 1964 до 1972 година делува во заедниците на Движењето во Сицилија (Сиракуза и Катанија), а од 1972 до 1978 година била член на личниот секретаријат на Кјара Лубик.

Во 1977 година, Кјара патува во Истанбул (Турција), каде што со години негува длабоки односи со Екуменскиот цариградски патријарх. Во тоа време Емаус живее во фоколарот во Истанбул и се присетува: „Тоа  беше моќно искуство – поради драгоцените средби со различните Цркви и со исламот, но и затоа што чувствувавме дека само Исус помеѓу нас нè прави силни наспроти многуте проблеми на таа земја.“

Во Истанбул, таа остварува екуменски контакти со тогашниот патријарх Деметриј I и бројни митрополити, вклучувајќи го и сегашниот патријарх Вартоломеј I, како и со претставници на различни Цркви.

Во 1988 година, Кјара ја повикува назад во Италија за да работи во Меѓународниот центар во Рока ди Папа и во Школата Аба – интердисциплинарниот студиски центар на Движењето, чиј член станала во 1995 година како експерт во областа на правните науки. Од 2000-та година, таа е и ко-одговорна за меѓународната комисија „Зедништво и право“, мрежата на правници и правни научници посветени на промовирање на праведност. Од 2002 до 2007 година, таа директно соработува со Кјара на осовременување на Општиот статут на Движењето.

На 7 јули 2008 година, неколку месеци по смртта на Клара Лубик, таа беше избрана за претседателка на Движењето на фоколарите, а на 12 септември 2014 година ѝ беше потврден вториот мандат.

Стилот на својата служба секогаш го опишуваше како „давање приоритет на односите“ и силна посветеност кон целта за која е создадено Движењето: да се гради единство на сите нивоа и во сите области, преку дијалог. Повеќе пати ја нагласуваше важноста на дијалогот: „Ако постои екстремизам на насилство – изјави таа во 2015 година во Обединетите нации во Њујорк – ние мора да одговориме со еднаков радикализам, но на сосема поинаков начин: со екстремизмот на дијалогот.“

Многу патуваше по сите континенти, среќавајќи се со заедниците на Движењето ширум светот, продолжувајќи ги контактите со луѓе од општествениот, црковниот, културниот, политичкиот, екуменскиот и меѓурелигискиот свет. Тоа се важни фази за зајакнувањето на врските на пријателството и соработката преземени од Движењето на фоколарите и за поттикнување на развојот на патот на братството помеѓу народите.

За време на нејзиното претседателствување, имала повеќе средби и аудиенции со папите Бенедикт XIV и Фрањо, секојпат обележани со взаемна почит и братска наклонетост. Папата Бенедикт XIV ја примил во приватна аудиенција на 23 април 2010 година. Во врска со духовноста на Движењето на фоколарите, Папата зборуваше како за „харизма која гради мостови и создава единство“, поттикнувајќи да се живее со уште подлабока љубов и стремеж кон светост. Во октомври 2008 година, таа учествуваше и говореше на Бискупската синода на тема „Божјото слово во животот и посланието на Црквата.“ На 24 ноември 2009 година, папата Бенедикт ја именуваше за советничка на Папскиот совет за лаици, а на 7 декември 2011 година и за советничка на Папскиот совет за промоција на новата евангелизација.

На 13 септември 2013 година, папата Фрањо ја прими на аудиенција заедно со тогашниот копретседател Џанкарло Фалети. Емаус се присетува: „Тој веднаш нè прими изразувајќи срдечно добредојде. Направи да се чувствувам како дома. Почувствував голема радост: стоев пред отецот, но пред сè пред мојот брат. Се чувствував како негова сестра – и тоа чувство остана во мене засекогаш.“

Во друга прилика, таа рече: „Папата Фрањо секогаш нè охрабруваше да одиме напред, да ги ослушнуваме знаците на времето за да ја осовремениме харизмата – бидејќи, рече тој, оваа харизма е дадена за доброто на многумина и треба да се сведочи со радост.“

Една од приликите беше и посетата на Светиот Отец на меѓународното гратче Лопијано (близу Фиренца, Италија) во 2018 година. Таму го пречека токму Марија Воче, која рече: „Свети Оче, имаме висока цел – сакаме да ‘се стремиме високо’. Сакаме взаемната љубов да стане закон на соживотот, што значи да се доживее радоста на Евангелието и да се чувствуваме како протагонисти на нова страница од историјата.“

Фоколари

Категорија: Вести, Свет

За авторот