Либанскиот шеф на државата беше примен од папата Лав XIV во Апостолската палата во Ватикан. Разговорите во Државниот секретаријат беа насочени кон надежта за „нова етапа“ на слога и стабилизација во земјата, како и за „неопходната и неодложна потреба од поттикнување на помирување на целиот Блиски Исток“.
Папата Лав XIV, во петок 13 јуни 2025 година, во Апостолската палата во Ватикан го прими во аудиенција Жозеф Аун, претседател на Република Либан, кој потоа оствари средба и со кардинал Пјетро Паролин, државен секретар, придружуван од монсињор Мирослав Ваховски, заменик-секретар за односите со државите.
Како што стои во соопштението од Прес-службата на Светиот Престол, „за време на срдечните разговори во Државниот секретаријат, беше нагласена добрата билатерална соработка, оддавајќи признание за традиционалната и постојана улога на Католичката црква во либанското општество“.
Потребата од мир на Блискиот Исток
„Во понатамошниот тек на разговорот – продолжува соопштението – беше изразена надеж дека земјата, преку процесот на стабилизација и реформи, ќе влезе во нова етапа на политичка слога и економско заздравување, што ќе ѝ овозможи да ги зајакне идеалите на соживот меѓу религиите и на унапредување на развојот што ја карактеризираат“.
На крајот, во соопштението се наведува дека „е нагласена неопходната и неодложна потреба од поттикнување на помирување во целиот регион на Блискиот Исток“.
Ватикан њуз/к.мк