Примајќи ги медиумските работници на аудиенција во понеделник 12 мај 2025 година во салата Павле VI, папата Лав XIV. ги охрабри да кажат „не“ на војната на зборови и слики, никогаш да не се задоволуваме со просечноста и да создадат простор за дијалог и средба. Тој искажа солидарност со новинарите, кои се во затвор и ја нагласи слободата на изразување и печатот.
Светиот отец Лав XIV. денес, 12 мај, во салата Павле VI. се сретна со медиумски работници од целиот свет, особено со оние кои ги следеа обредите на Страсната седмица, упокојувањето и погребните обреди на папата Фрањо, текот на конклавата и првите појавувања на новиот Свети Отец во последните денови.
Во својот поздравен говор, Папата им се заблагодари на медиумските работници за сè што направија во последните денови и што прават во ова време на милост. Осврнувајќи се на Исусовата проповед на гората и Исусовиот повик „Блажени се миротворците“, Папата нагласи:
Ова блаженство е предизвик за сите, а особено за новинарите, бидејќи бара промовирање поинаков вид комуникација – комуникација што не бара одобрување по секоја цена, што не користи агресивни зборови, што не се придржува до логиката на конкуренцијата и што никогаш не ја одвојува вистината од љубовта со која, во понизност, треба да ја бараме. Мирот започнува во секој од нас: во начинот на кој ги гледаме другите, како ги слушаме и како зборуваме за нив. Затоа начинот на кој комуницираме е клучен: мора да кажеме „не“ на војната со зборови и слики и да го отфрлиме воениот начин на размислување.
Затоа, уште еднаш ја изрази солидарноста на Црквата со новинарите затворени поради нивната потрага по вистината и нивното пренесување и побара нивно ослободување.
Црквата во нив – посебни во оние кои сведочат за војни, честопати по цена на сопствениот живот – ја препознава храброста на оние кои го бранат достоинството, правдата и правото на луѓето на информации. Бидејќи само информирани луѓе можат да донесуваат слободни одлуки. Страдањето на затворените новинари е апел до совеста на народите и меѓународната заедница, потсетувајќи нè сите на важноста од зачувување на драгоцената слобода на изразување и слободата на медиумите.
„Ви благодарам, драги пријатели, за вашето служење на вистината, посебно кога известувавте за болката поради смртта на папата Фрањо – смрт која сепак се случи во светлината на Велигден. Таа воскресна вера нè воведе во духот на конклавата, во која бевте посебно ангажирани во текот на напорните денови. А потоа успеавте да ја пренесете убавината на Христовата љубов што нè обединува сите нас и нè прави еден народ, водени од Добриот Пастир“, додаде Лав XIV.
Живееме во тешки времиња – како за живеење, така и за проповедање. Овие времиња се предизвик за сите нас и не смееме да ги избегнуваме. Напротив, тие нè повикуваат, во нашите различни улоги и служби, никогаш да не се задоволуваме со просечност. Црквата мора да го прифати предизвикот на времето, а исто така, ниту комуникацијата ниту новинарството не смеат да бидат надвор од времето и историјата. Свети Августин нѐ потсетува: „Ако живееме добро, времето ќе биде добро“. Ние сме времето. Ви благодарам за вашата работа во настојувањето да ги надминете стереотипите и клишеата со кои честопати се пристапува кон христијанскиот живот и животот на Црквата. И ви благодарам што можете да препознаете што е суштинско во она што е Црквата и да го пренесете тоа на светот – преку сите расположивите средства.
„Денес, една од најважните задачи е да се промовира комуникацијата која може да нè изведе од „Вавилонската кула“ во која понекогаш се наоѓаме – од збрканоста на јазиците лишени од љубов, честопати обоени со идеологија и предрасуди “, нагласи Светиот Отец.
Токму затоа вашата работа – зборовите што ги избирате и стилот во кој ги обликувате – се од голема важност. Бидејќи комуникацијата не е само пренос на информации, туку обликување на културата, создавање човечки и дигитални простори кои стануваат места за дијалог и средба. Со оглед на брзиот технолошки развој, ова послание станува уште понеопходно. Ова посебно важи за вештачката интелигенција, чиј огромен потенцијал носи и голема одговорност: потребни се разумност и јасна насока за да се користат овие алатки за општото добро и во корист на целото човештво. Оваа одговорност нè засега сите нас – во согласност со нашата возраст и општествени улоги.
Присутните новинари ги потсети на повикот на папата Фрањо во неговата последна порака за Светскиот ден на комуникациите:
Да ја разоружаме комуникацијата – да ја ослободиме од предрасуди, огорченост, фанатизам и омраза. Да ја исчистиме од агресивност. Не ни треба бучава и сила во зборови, туку комуникација што знае да го слуша и да го чуе гласот на оние кои немаат глас. Да ги разоружаме зборовите и со тоа да придонесеме за разоружување на светот. Комуникацијата која е разоружана и која разоружува отвора поглед на светот од нова перспектива и нè охрабрува да дејствуваме во согласност со нашето човечко достоинство.
„Вие сте на првата линија кога станува збор за известување за конфликти, за надежи за мир, за неправди и сиромаштија, како и за тивката, секојдневна работа на многумина кои градат подобар свет. Затоа, ве молам: изберете го, со целосна свест и храброст, патот на комуникација која гради мир“, рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк