Папата: Исус не може да биде ограничен во нашите човечки рамка

Папата: Исус не може да биде ограничен во нашите човечки рамка

Објавена е катехезата за Генералната аудиенција која Папата требаше да ја одржи во среда, 5 март 2025 година, во салата Павле VI, но која е откажана поради продолжената хоспитализација на Папата во поликлиниката „Гемели“. Во текстот, Папата размислува за наоѓањето на Исус во Храмот и нè охрабрува да го следиме Христос кој „ни дозволува да го најдеме не на било кое место, туку во одговорот полн со љубов на нежното Божјо татковство“, одговор кој е „синовски живот“.

„Марија помина низ духовно патување во кое напредуваше во разбирањето на таинството на нејзиниот Син“, пишува папата Фрањо во својата катехеза за Генералната аудиенција. Катехеза на Папата во целост ја објави Канцеларијата за печат на Светиот Престол, со оглед на тоа што Светиот Отец се уште е на лекување во поликлиниката „Гемели“.

Во последната катехеза посветена на Исусовото детство, Папата се осврна на настанот во кој Исус на дванаесет години останал во Храмот. „Овој настан носи многу интересен дијалог меѓу Марија и Исус, кој нè повикува на размислување за патот на Марија, Исусовата мајка, пат кој воопшто не бил лесен. Имено, Марија помина низ духовно патување на кое подобро го разбра таинството на својот Син“, додава Папата, спомнувајќи ги различните етапи на тоа патување – посетата на Елисавета, патувањето за Витлеем поради пописот на населението, принесувањето на Исус во Ерусалим, бегството во Египет, враќањето во Назарет.

„Кога Исус го започнува своето служење, Марија е присутна на свадбата во Кана, а потоа го следи „оддалеку“, до неговото последно патување во Ерусалим и неговите страдања и смрт. После Исусовото воскресение, Марија останува во Ерусалим, како мајка на учениците, поддржувајќи ја нивната вера и чекајќи го слегувањето на Светиот Дух“ – истакнува Светиот Отец.

„На целиот тој пат, Дева Марија е ходочесничка на надежта , во многу силна смисла на тој збор, станувајќи „ќерка на нејзиниот Син“ и негова прва ученичка. Марија на свет го донесе Исуса, Надежта на човештвото: го хранеше, го воспитуваше, го следеше, дозволувајќи најпрво да ја обликува Божјото Слово. Ова посебно заедништво со Божјото Слово сепак не и ја олесни нејзината духовна ’подготовка’ – истакнува папата Фрањо, продолжувајќи:

„Откако го барале Исус и се вратиле во храмот, Марија и Јосиф откриле дека Тој, кој дотогаш бил дете на кое му била потребна заштита, одеднаш пораснал во млад човек способен да се вклучи во расправа за Светото Писмо, соочувајќи се со учителите на Законот.

Марија и Јосиф не го разбраа ова: таинството Бог да стане дете го надмина нивното сфаќање. Родителите сакаа да го заштитат својот син под закрилата на нивната љубов: Исус, напротив, сака да го исполни својот повик како Син Божји, кој е во служба на Бога и интензивно живее во Неговото Слово“.

„Драги браќа и сестри, како што Марија и Јосиф се полни со надеж, така и ние сме повикани да го следиме Господ, Кој не ни дозволува да го ограничиме во нашите човечки рамки, ни дозволува да го најдеме не на било кое место, туку во одговорот полн со љубов на нежното Божјо татковство“, одговор на љубовта кој е „синовски живот“, ја завршува Папата во текстот за катехезата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот