Епископот Стојанов во Струмица ја служеше Ерусалимската утрена

Епископот Стојанов во Струмица ја служеше Ерусалимската утрена

Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, на Велики Петок, 10 април 2026 година, во парохиската црква „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица ја служеше Ерусалимската утрена со статии и процесија околу црквата.

Со епископот сослужуваа парохот протојереј отец Гоце Костов и парохискиот викар отец Трајче Ташев, а на богослужбата присуствуваа чесни сестри Евхаристинки и бројни верници.

Во својата проповед, монсињор Стојанов упати порака за значењето на овој свет и тежок ден, истакнувајќи дека Велики Петок е ден на жалост и размислување пред тајната на Христовото страдање.

„Денес е тежок и тажен ден. Нашите срца се исполнети со жалост, зашто пред очите Го гледаме нашиот Спасител распнат на Крстот. Го гледаме измачуван, понижен, исмејан, плукан и удиран“, порача епископот Стојанов.

Осврнувајќи се на евангелските настани, тој потсети дека во Христовото страдање пред нас се појавуваат многу ликови: Кајафа, кој Го осуди; Пилат, кој ја изми својата совест, а вината остана; војниците, кои Му се потсмеваа; како и разбојниците, кои висеа покрај Него. Во средиштето на сето тоа, нагласи епископот, стои Христос, кроток и понизен, а во својата љубов величествен.

Монсињор Стојанов истакна дека Христос на Велики Петок станува жртва за спасението на човештвото, земајќи ги врз себе гревовите на целиот човечки род и доброволно принесувајќи се на Крстот. Со таа жртва се исполнува делото на спасението и се довршува смислата на старозаветните жртви, зашто во Христос е принесена совршената и единствена жртва, Самиот Син Божји.

За време на Ерусалимската утрена следуваше процесија околу црквата со плаштеницата, во која верниот народ се вклучи во споменот на Христовите страдања.

Со своето пеење, заедно со верниот народ, богослужбата дополнително ја збогатија Томе Васиќ и Лука Костов, а Величе Илиева, Драгица Филипова и Викторија Илиева рецитираа стихови.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот