„И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележувааш?“ (Лк 6,41)
После ноќта помината во молитва, Исус слезе од планината и ги избра своите апостоли. Пристигнувајќи во рамнината, им одржа долг говор кој започна со навестувањето на Блаженствата.
За разлика од Евангелието по Матеј, во текстот на Лука среќаваме само четири блаженства. Тие се однесуваат на сиромашните, гладните, страдалниците и сиромашните, со исто толку предупредувања за богатите, нахранетите и гордите[1]. Исус таа Божја наклонетост кон најмалите ја чини за своја мисија кога, во синагогата во Назарет[2], изјави дека е полн со Духот Господов и дека им носи добра вест на сиромашните, ослободување на затворениците и слобода на угнетените.
Исус продолжува со охрабрување на учениците да ги сакаат дури и своите непријатели[3]. Оваа порака е вдахновена од однесувањето на Небесниот Отец: „Бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец“. (Лука 6, 36)
Оваа изјава е, исто така, почетна точка за она што следува: „Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштевајте и ќе ви биде простено“. (Лука 6,37). После тоа Исус опоменува користејќи намерно претерана споредба:
„И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележувааш?“
Исус навистина го познава нашето срце. Колку пати во нашиот секојдневен живот го доживуваме ова тажно искуство: лесно е остро да се критикуваат грешките и слабостите на брат или сестра без да се земе предвид дека со тоа си го присвојуваме посебното право што Му припаѓа само на Бога. Факт е дека за да се „отстрани гредата“ од нашето око, потребна ни е понизност која доаѓа од свеста дека сме грешници на кои постојано им треба Божјето простување. Само оние кои имаат храброст да ја забележат сопствената „греда“, она што самите треба да го променат, ќе можат да ја разберат својата и туѓата кревкост и слабост без осудување, без претерување.
Сепак, Исус не нè повикува да ги затвориме очите и да дозволиме сè да се случи само по себе. Тој сака неговите следбеници да си помагаат и да напредуваат на патот на новиот живот. А апостол Павле упорно бара од нас да се грижиме за другите: да ги опоменуваме неуредните, да ги тешиме слабодушните, да ги поддржуваме слабите и да бидеме трпеливи со сите. [4] Само љубовта е способна за такво служење.
„И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележувааш?“
Како можеме да го спроведеме ова Слово на животот во дело?
Со веќе кажаното, во ова време на Великиот пост, можеме да Го замолиме Исус да нѐ научи да ги гледаме другите како што Тој ги гледа, како што ги гледа Бог. Бог гледа со очите на срцето затоа што Неговиот поглед е поглед на љубов. Дополнително, за да си помогнеме, би можеле да ја обновиме практиката што беше суштинска во првата група девојки од движењето на Фоколарите во Трент.
Обраќајќи им се на група пријатели муслимани, Кјара Лубиќ рече: „На почетокот не беше секогаш лесно радикално да се живее љубовта. […] И меѓу нас се случуваше „прашина“ да падне врз нашите односи и единството потоа да ослабне. Ова се случувало, на пример, кога некој ги забележувал недостатоците и несовршеностите на другите и ги осудувал, предизвикувајќи заладување на меѓусебната љубов. За да реагираме на оваа ситуација, еден ден решивме да направиме сојуз меѓу себе. Го нарековме „завет на милосрдието“. Решивме секоја личност што ќе ја сретнеме наутро – дома, на училиште, на работа итн. – да ја гледаме во новото светло, не обраќајќи внимание на нејзините недостатоци, туку покривајќи сè со љубов. […] Тоа беше силна обврска, која сите заедно ја презедовме и која ни помогна секогаш први да ги сакаме ближните, наследувајќи Го милосрдниот Бог кој простува и заборава“.[5]
Подготвиле Augusto Parody Reyes и тимот Слово на животот
[1] Спореди Лк 6, 20-26.
[2] Спореди Лк 4, 16-21.
[3] Спореди Лк 6, 27-35.
[4] Спореди 1Сол 5, 14.
[5] К.Лубик L’amore al prossimo, разговор со приателјите муслимани, Кастел Гандолфо, 1. ноември 2002.