Дикастеријата за Источни цркви подготви пасторален водич за Јубилејот на Источните цркви, кој ќе се одбележи од 12 до 14 мај 2025 година, со цел да се запознае богатството на христијанските традиции на Истокот.
Според префектот на Дикастеријата за Источните цркви, кардиналот Клаудио Гуџероти, ова е прирачник осмислен да „интегрира нова димензија во римското искуство на ходочестие“, кој ќе го прилагоди идентитетот на Источните цркви „според духовноста на секој од нив“.
Во интервју за Ватикан њуз, кардиналот прецизираше дека овој документ е адресиран до Источните цркви, „посочувајќи им дека во нивните традиции има посебни богатства што Јубилејот може јасно да ги изнесе, пред сè, во овој момент со оглед на големите тешкотии за сите Источни цркви, особено на Блискиот Исток, во Украина, Египет, Етиопија и Еритреја“.
Водичот – кој може да се најде на веб-страницата на Дикастеријата – вклучува и дел од историјата на Рим за време на владеењето на Источното Римско Царство, кое кулминирало со падот на Константинопол и освојувањето на остатокот од византиските територии од Турците Османлии во 15 век.
Од овој дел од документот јасно се гледа дека во Римската црква има „силно присуство на источни заедници кои долго време ја задржале својата специфичност“. Конкретно, Гуџероти изнесе интересни податоци како фактот дека имало „11 грчки Папи и речиси десетина Сиријци“, што докажува дека „не станува збор за маргинално присуство“.
„Рим, „caput mundi“ (престолнина на светот), исто така беше град каде што источните жители се идентификуваа себеси како интегрирани во неговите структури, а не само како мали мигрантски заедници“, објасни тој.
Пасторалниот водич содржи и конкретни упатства за Источните цркви да го живеат ова време на благодат „свесно и храбро и на тој начин да бидат веродостојни сведоци на надежта“, рече Гуџероти.
Тој нагласи дека документот е корисен и за верниците на запад „да сфатат дека постојат многу древни форми на изразување на христијанството, од времето на самиот Христос… кои формираат единство во различноста на христијанскиот идентитет“. Со ова тој истакна дека христијанството не е „монолитна“ реалност.
„Го видовме тоа и на неодамнешната синода [на епископите], плуралната реалност во која можеби не се ниту разбираме, не од лоша волја, туку поради различните корени. Да бидеме заедно, да ги споделуваме нашите особености, беше едно од големите откритија на синодата“, рече тој.
Според неговото мислење, уметничкото и културното наследство на Источните цркви не е доволно познато. „Пред неколку децении, во документ на тогашната Конгрегација за католичко образование беше наведено дека сите латински семинари треба да поучуваат за Источните цркви. Но, тоа е веројатно еден од најзапоставените документи од многуте што ги изработи Светиот Престол“, истакна тој.
За да се надомести овој недостаток на знаење, новиот пасторален водич предлага ходочеснички маршути за подобро разбирање на трагите од источното присуство во Рим. Така, беше усвоен списокот на најважните источни свети места во Рим, како што е црквата Света Марија во Космедин, со која раководи Мелкитската католичка црква и каде литургијата е на грчки јазик, а некои помали делови се исто така на арапски.
Гуџероти истакна дека, иако малку е познато, има „многубројни факултети кои ги посетуваат источните семинаристи – за Романци, Украинци, воопшто, Грци, Ерменци, Сиро-Малабари и Сиро-Маланкарци, Маронити“.
Од друга страна, тој објасни дека пред неколку години бил создаден посебен колегиј за источните монахињи кои студираат во Рим. „Подоцна, различни места за богослужба беа доверени или изградени за источните католици, а исто така и за источните православни“, рече тој.
Ика/к.мк